Линкови за пристапност

Познати фирми купувале канцеларии и ги продавале на ВМРО-ДПМНЕ


Истражување на БИРН

Познати градежни компании во 2015 година купувале деловни простории од ЕВН Македонија и од јавното претпријатие „Македонски шуми“, и по неколку месеци ги продале на тогаш сѐ уште владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за нешто повисока цена, објави БИРН.

Тоа се градежните компании „Бауер БГ“ и „Жикол“, кои во десетгодишниот период на владеење на ВМРО-ДПМНЕ работеле на повеќе државни проекти откако биле избрани на тендери.

Четири имоти купени на сличен начин

Според извештајот на БИРН, во акција кај која се препознава образец, ВМРО-ДПМНЕ купила четири деловни простории или вкупно околу 800 квадрати во Ресен, Крушево, Гази Баба и во дебарското село Мал Папрадник. Првиот случај е во Гази Баба.од „Бауер БГ“ во Автокоманда сега е регионален штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

„Бауер БГ“ на почетокот од 2015, легализирала дивоградба во приземјето од зграда во Автокоманда, и веднаш во март истата година ја продала на ВМРО-ДПМНЕ, како деловен простор за цена од околу 14.000 евра.

Со оглед дека оваа канцеларија се простира на 99 квадрати, излегува дека партијата пазарила исклучително ниска цена од 140 евра по квадрат во главниот град, во зграда што се наоѓа во непосредна близина на спортската сала во Автокоманда и која излегува на главниот булевар „Александар Македонски“, објавува БИРН.

Вториот случај исто така е купопродажен договор меѓу „Бауер БГ“ и ВМРО-ДПМНЕ, но, овојпат за имот во селото Мал Папрадник кое се наоѓа во близина на Дебарското Езеро.

Најнапред во април 2015 „Бауер БГ“ купува деловен простор од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ во Мал Папрадник, а во август го продала на ВМРО-ДПМНЕ.

Овие 83 метри квадратни компанијата ги купила за 34.000 евра, а ги продала на партијата за речиси 42.000.

И во третиот случај главни актери се „Бауер БГ“ и ВМРО-ДПМНЕ каде ВМРО-ДПМНЕ купило имот од „Бауер БГ“ во Крушево.

БИРН известува дека градежната фирма во јуни 2015 купила деловен простор од ЕВН Македонија во Крушево, а потоа во август, на истиот ден како во претходниот случај, го продала на тогаш владејачката партија.

„Бауер БГ“ ги купила овие 138 метри квадрати од ЕВН за 54.301 евро, а ги продала за 55.781.Просториите се сместени во крушевската чаршија.

Четвртиот случај на купување и брзо продавање на тогаш владеачката партија до кој дојде БИРН, е меѓу ВМРО-ДПМНЕ и фирмата „Жикол“.

Струмичката градежна компанија во мај 2015 во Ресен купила околу 500 квадрати деловен простор и речиси 1.300 земјиште од „ЕВН Македонија“, приватно акционерско друштво во кои државата има удел, за сума од 184.000 евра, а за три месеци, исто така во август, ги продала на ВМРО-ДПМНЕ за 200.000. Оваа канцеларија е сместена во објект во градот Ресен.Објектот на ВМРО-ДПМНЕ во Ресен, купен преку „Жикол“.

Овие четири канцелариски простории се само мал дел од вкупниот имот на партијата што ја води експремиерот Никола Груевски.

Во истражувањето се вели дека низ годиниве имало неколку процени за тоа колку во недвижнини тежи ВМРО-ДПМНЕ.

Нивниот политички опонент СДСМ во 2015 излезе со цифра дека низ цела Македонија партијата имала 63 објекти со вкупна квадратура од 12.000 метри квадратни, кои, како што тврдеше Петре Шилегов, во најголем дел биле купени во годината претходно.

СКУП Македонија наредната 2016 објави поново истражување, според кое, ВМРО-ДПМНЕ е запишано на 93 имотни листови на кои има површина поголема од 33.000 квадрати.

Зошто „Бауер БГ“ би купила канцеларија во село со 500 жители?

БИРН се обидело да ги контактира компаниите „Бауер БГ“ и „Жикол“ и да побара одговори на неколку логични прашања, како зошто голема градежна компанија од рангот на „Бауер БГ“ имала потреба да купува деловен простор во Крушево и посебно во Мал Папрадник, село во близина на Дебарското Езеро во кое живеат помалку од 500 луѓе.

На тоа се надоврзува и прашањето зошто, пак, веднаш ги продала канцелариите на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашањето е и дали ова е редовна бизнис-пракса на „Бауер БГ“, да купува деловни простории во малите градови и села од внатрешноста, и веднаш да ги продава за нешто повисока сума, или градежната компанија ова го правела само во овие неколку случаи.

БИРН ја интересира и зошто „Бауер БГ“ ѝ продала на партијата деловен простор во Автокоманда по багателна цена од 143 евра по квадрат, само неколку месеци откако го легализирала.

Со истите дилеми се обидела да ја соочи и градежната компанија „Жикол“ за имотот во Ресен, меѓутоа не добила никаков одговор од двете фирми. Тие го игнорирале и прашањето дали и ВМРО-ДПМНЕ им платило за деловните простории.

Одговор на ова прашање за сега нема ниту од поранешната владејачка партија.

Кои се „Бауер БГ“ и „Жикол“?

„Бауер БГ“ е скопска градежна компанија која била формирана на средина од минатата деценија, меѓутоа таа доживеа голем раст на приходите од 2009 година откако учествуваше во „Скопје 2014“ и во голем дел од општинските проекти.

Базата на БИРН „Скопје 2014 под лупа“ откри дека „Бауер БГ“ е петтиот најголем изведувач на овој проект, со договори вредни нешто повеќе од 33 милиони евра, од кои трите најголеми се:

1. Фасадата и оградата на Владата – 11,2 милиони евра

2. Плоштадот „Скендербег“ – 10,8 милиони евра и

3. Палатата „Емануел Чучков“ – 7,3 милиони евра

Покрај тендерите на централно ниво, „Бауер БГ“ е една од градежните фирми што ги добиваат и најголемите проекти и од општините. Невладината Центар за граѓански комуникации објави истражување, според кое, компанија во 2015 била лидер во оваа категорија, додека минатата година била на второ место.

Лани добила 33 тендери во вкупна вредност од 7,3 милиони евра, додека во 2015 имала 25 тендери во вредност од 6,5 милиони евра.Најголем број од тендерите на оваа фирма се склучени со Градот Скопје.

„Бауер БГ“ за првпат, барем според Бирото за јавни набавки, добила тендер од државна институција во 2008 од Општина Гази Баба, кога со неа раководел денешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски.

Нема податоци дека „Бауер БГ“ соработувала со Град Скопје додека на негово чело беше Трифун Костовски, ама затоа соработката на оваа фирма со администрацијата на Трајановски продолжува во двата негови мандата како прв човек на Скопје.

Проширување и обновување асфалт на улици, кружни текови, пешачки мост, плоштад, канализации, нови фасади во центарот на метрополата (кај ресторанот „Пелистер“) и позлатената ограда на мостот „Гоце Делчев“ се само дел од градежните потфати кои Коце Трајановски им ги доверил на браќата Благој и Горан Димитрови, кои се сопственици на „Бауер БГ“.

„Жикол“, пак, е градежна компанија со поголема традиција, формирана е во 1987 година од струмичанецот Живко Пандев, а денеска покрај него фирмата ја води и неговиот син Никола.Тој е актуелен советник на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Струмица.

И „Жикол“, како и „Бауер БГ“ работи со државата преку тендерите, а најактуелен проект ѝ е изградбата на новиот Луна парк во Скопје, што ќе го финансира градот и ќе вреди нешто повеќе од 1,6 милиони евра.

„Жикол“ е најчест клиент на Дирекција за технолошки индустриски развојни зони и за изградба на инфраструктурата на технолошко-индустриските зони, има потпишано 20 договори или анекси вредни 9,7 милиони евра во периодот од 2014 до денес.

Истражувањето и фотографиите се преземени од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) во Скопје.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG