Продолжуваат консултациите за идното парламентарно мнозинство во кое засега сигурно влегуваат победничката ВМРО -ДПМНЕ и „ВЛЕН“, коалицијата на опозициските партии на Албанците. Засега многу информации не излегуваат во јавноста за тоа кои министерски ресори кому ќе му припаднат. По неофицијалните информации за можни шест министерски позиции за „ВЛЕН“, денеска еден од лидерите на оваа коалиција, тетовскиот градоначалник Билал Касами, изјави дека не сака предвреме да шпекулира и дека не е најважен бројот на добиени ресори. Потсети дека за нив уставните измени и продолжувањето на пристапните преговори со ЕУ остануваат приоритет. Се очекува дека до крајот на неделата е можен коалициски договор.
„Не би сакал да шпекулирам за тоа што начелно е договорено – кога ќе имаме конечен договор ќе излеземе заедно пред граѓаните. Тоа е стратегија на преговарање, ние може да бараме и половина влада, може да ни се понуди многу малку, но на крај ќе дојдеме до тоа што ќе биде најсоодветно за сите партнери во идната влада, но и она што е поважно, што е во интерес на граѓаните. Во минатото, за жал иако имаше многу министерства предводени од Албанци, ниту тие министерства сработеа многу за Албанците и за Македонците и за другите граѓани. Етничката припадност за нас не е најважна за да го реализираме она што сме го ветиле“, вели Касами.