Линкови за пристапност

Властите во Јужна Кореја го прекинаа обидот за апсење на Јун


Полицијата пристигнува пред портата на претседателската резиденција додека поддржувачите на отповикуваниот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол се собраа против издавањето на судот на налог за приведување на Јун, во Сеул, Јужна Кореја, 3 јануари 2025 година.
Полицијата пристигнува пред портата на претседателската резиденција додека поддржувачите на отповикуваниот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол се собраа против издавањето на судот на налог за приведување на Јун, во Сеул, Јужна Кореја, 3 јануари 2025 година.

Напната ситуација – шестчасовен ќор-сокак

Властите во Јужна Кореја денеска го прекинаа обидот да го приведат отповикуваниот претседател Јун Сук Јеол по тензичниот, шестчасовен судир меѓу истражителите и безбедносните сили лојални на зафатениот конзервативен претседател. Во соопштението, заедничкиот истражен тим кој се обидува да го приведе Јун рече дека е „практично невозможно“ да се продолжи со извршувањето на налогот за притвор одобрен од судот имајќи го предвид отпорот и безбедноста на персоналот на самото место.

Во рацијата во раните утрински часови, тим од околу 100 истражители и детективи, поддржани од околу 3 000 полицајци, пристигнаа во официјалната резиденција на Јун во центарот на Сеул, како дел од истрагата за бунт и злоупотреба на власта.

По малите судири на периметарот на комплексот, тимот за притвор стигна на 200 метри од резиденцијата на Јун, но беше пречекан од барикада од околу 200 војници и друг вооружен безбедносен персонал кои спречија понатамошен пристап, според брифинг од Канцеларијата за истраги за корупција, каде се води заедничката истрага.

Иако никој од безбедносниот персонал што го бранеше Јун не посегна по своето оружје, Канцеларијата за истраги за корупција наведе „значителен ризик од повреди“ со оглед на големиот број луѓе во затворен простор.

Заедничкиот истражен тим соопшти дека ќе ги разгледа следните чекори во врска со налогот за притвор, кој останува да важи до понеделник.

Настаните претставуваат продолжување на вонредниот месец на политички хаос кој започна на 3 декември, кога Јун, конзервативна поранешна обвинителка, прогласи воена состојба. Декларацијата беше брзо поништена од пратениците, кои подоцна го отповикаа Јун, суспендирајќи ги неговите претседателски овластувања, во очекување на пресудата од Уставниот суд на земјата.

Одделно, Јун е под истрага за бунт и злоупотреба на моќта поврзана со декларацијата за воена состојба.

Јун игнорираше три покани да се појави на сослушување како дел од истрагата, што доведе до тоа судот во Сеул да издаде налог за притвор претходно оваа недела.

Претседателската служба за безбедност која го чува Јун во неколку наврати ги блокираше истражителите да влезат во комплексот на претседателската канцеларија или во официјалната резиденција за претреси одобрени од судот, повикувајќи се на безбедносни и воени аспекти.

За време на рацијата во петокот, на службата и се придружила воена единица за која се верува дека е дел од командата за одбрана на главниот град, според јужнокорејската новинска агенција Јонхап. Тие воени лица беа раководени од Претседателската служба за безбедност, а не од војската, според Министерството за национална одбрана.

Обвинителите предупредија дека секој обид за попречување на налогот за притвор одобрен од суд може да претставува кривично дело, иако нема докази дека полицијата се обидела да го уапси персоналот што го бранеше Јун во петокот.

Правниот тим на Јун вели дека истрагата за востанието е нелегитимна. Канцеларијата за истраги за корупција, инсистира тој, нема јурисдикција да ги следи обвиненијата за бунт.

Во изјавата во петокот, адвокатите на Јун рекоа дека обидот за извршување на налогот за притвор е незаконски и наведоа дека судските мерки ќе го запрат.

Ако Јун биде приведен, властите ќе имаат 48 часа да одлучат дали да поднесат формален налог за апсење или да го ослободат. Тоа би било првпат актуелен претседател на Јужна Кореја да биде приведен во полиција.

Во меѓувреме, толпа приврзаници на Јун останува да кампува пред неговата резиденција, при што некои велат дека ќе го заштитат, а други повикуваат на апсење на лидерите на опозицијата во Јужна Кореја.

XS
SM
MD
LG