Вака беше на 13 август 2001 година, денот кога е потпиша Охридскиот рамковен договор.
А, вака е денеска, 23 години подоцна – две паралелни одбележувања на Договорот, едно на ДУИ која сега е во опозиција, а друго на „Вреди“ коалицијата која сега е на власт.
Едните се собраа во Клубот на пратеници, другите во скопски хотел.
За „Вреди“ односот на ДУИ кон Охридскиот договор е ист – дека си прават партиска забава.
„Охридскиот договор е договор за државата, а не е договор за вечно учество на една политичка партија во власта. Кога беа власт го девалвираа Охридскиот договор со концерти и вонинституционални прослави. Тие пак си прават партиска прослава, ништо различно како и секогаш ДУИ е надвор од нормалните текови“, изјави првиот вицепремиер Изет Меџити.
На само неколку километри подалеку врвот на ДУИ, заедно со другите партии од „Европскиот фронт“, но без видливо присуство на претставници на меѓународната заедница, се собра на свечена академија. Али Ахмети, кој од пред месец и половина е во опозиција, на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор излезе со порака за иднината.
„Македонците како нација можат да напредуваат само во добра комуникација, хармонија и однос со Албанците. Во спротивно, ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците. А ова не ви го кажувам само овде, им го кажав на сите политички претставници на македонската заедница. Само со нас, со соработка и заеднички живот можат да си ја зачуваат својата историја, својот национален идентитет, инаку им е судено да не постојат“, изјави претседателот на ДУИ Али Ахмети.
Нецел час по настапот на Ахмети, новиот премиер, на свечена седница во владата кисто така прати порака - дека досега некој го злоупотребувал Охридскиот договор за свои цели.
„Треба да се биде реален и да се каже дека донесувањето на Рамковниот договор во тоа време никоја од страните потписнички не ги направи до крај среќни и задоволни, но сепак го донесоа тоа што во тој момент беше најпотребно и најбарано, а тоа е мирот. Од овој аспект мора да се разбере дека ова е една заедничка татковина за сите и дека заедничкиот патриотизам единствено значи градење на живот под еден ист кров на права, но и обврски и борба за подобар живот под исто небо. Тоа што сме различни по етничка и верска припадност не не парви различни по приоритетите, а главен приоритет е подобар живот. Некој ги користи етничките права за затскривање на своите лукративни интереси. Премногу често етничките теми се злоупотребуваат“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Пред точно 23 години во претседателската резиденција на Водно, политичките и лидерите на земјата со посредство на меѓународната заедница го потпишаа Охридскиот договор со кој се стави крај на неколкумесечниот конфликт во земјата кој се закануваше да прерасне во граѓанска војна.