СКОПЈЕ – Додека власта и опозицијата се препукуваат дали станува збор за поволен и неповолен кредит, јавноста и економските експерти бараат повеќе детали за кредитот од 500 милиони евра кој го најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој кажа дека овие пари ќе бидат наменети за општините и стопанството на два еднакви дела од по 250 милиони евра со истите услови, 3,25 проценти камата и грејс период од три години со рок на исплаќање од 12 години.
Како ќе се искористи, дали општините имаат доволно проекти за да ги реализираат со парите од кредитот и дали е поволна каматната стапка за стопанството се дел од прашањата на економските експерти.
„Има организации кои финансиски помагаат држави во развој, Светска Банка ММФ, да се стандардизира помошта и да се видат резултатите, имаат недостатоци но ги држеа државите во добра кондиција. Ние земаме заем а не знаеме кој ни дава како ни дава и кои се условите како и на кој начин да ги вратиме. Дали заемот го дава државата Унгарија или некоја нивна банка. Јавниот долг се зголемува, нашата држава за разлика од други држави има посилен импакт кон економијата и населението овој долг. Има негативно влијание. За две години мора да вратиме над милијарда за кредити што веќе сме ги зеле. Нашиот долг не е оперативен. Имам причина да бидам загрижен и стравувам од банкрот“, вели Абил Бауш, економски аналитичар.
Половина наместо една милијарда е показател дека Владата дејствува импулсивно, смета аналитичарот Бранимир Јовановиќ.
„Развојна банка има доволно средства од европски фондови и со поповолни услови и не гледам потреба да земате нов кредит со камата над 3 отсто и да ги давате компаниите. Компаниите не сакаат да се задолжуваат. Делот за општините погрешно поставен. Не знаеме на што ќе се потрошат овие пари, целиот процес е погрешно поставен. Но имаме нова Влада кој сметам дека е неискусна во ова поле. Земаме релативно голема сума на пари со каматна стапка кој и не е толку ниска на долг рок целиот трошок ќе падне на граѓаните како и секогаш“, вели Јовановиќ.
Капацитетот на општините за капитални проекти е дискутабилен а кај нив треба да завршат 250 милиони евра.
„Која влада да дојде им дава пари на општините. Владата под раководство на Зоран Заев простуваше долгови. Апсолутно добра е иницијативата да се прават проекти кои ќе ги покрие овој заем но забораваме дека не се децентрализирани и нивните резултати ќе зависат од централната власт. Нема фокус дали ќе биде на земјоделие, енергетски капацитети,инфраструктура. Ниту една општина нема ни финансиски капацитет, ни човечки потенција ни административно технички. Дали е подобро парите да се држат на централно ниво и да се инвестира во здравство, образование и енергетика, да се инвестира во нешто што на среден рок ќе имаме бенефит“, вели Бауш.
Рационализација на трошоците е можност да се најдат доволно средства за општините
„Во Буџетот за 2024 година државата плаќа 270 милиони евра само на камати на јавниот долг. Тие пари само растат бидејќи се задолжуваме се повеќе на работи за кои не знаме како се трошат. Иако јавниот долг не е превисок, ако видиме колку пари се трошат за сервисирање на јавниот долг тоа е сериозна сума. Сите овие проекти за општините може да се финансираат со сопствени пари доколку се рационализираат трошоците и задолжувањата“, изјави Јовановиќ.
Од опозициската СДСМ се на став дека станува збор за неповолен кредит со неповолни услови и камата повисока од најавената а јавниот долг ќе се качи на 65 проценти. Оттаму додаваат дека државата е корисник на кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој по многу подобри услови и помала камата од 1,6% со грејс период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години.
„Овој кредит што очигледно е договорен во четири очи, кредит од 500 милиони евра од Унгарија, отвора многу прашања, а најважното од сите е во која насока ќе се движи земјава во следниот период. Во ВМРО-ДПМНЕ многу брзо ја сменија плочата истите тие луѓе кои цела година наназад, зборуваа дека земјата е презадолжена сега го дополнително го оптоваруваат долот со 500 милиони евра, и најинтересно од се е дека очигледно преговарале за зголемување на долгот во истиот период, додека критикуваа дека земјава е презадолжена. На површина излегува нивното лицемерие и очигледно е дека ги изневеруваат граѓаните. Во ова смисла не станува збор за некаков економски бенефит туку за политичка одлука. И јас сум навистина загрижен дека станува збор за една форма на политичко заложништво кон Унгарија и директно од Виктор Орбан“, изјави претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Од владејачката ВМРО – ДПМНЕ пак одговорија дека станува збор за добар кредит со поволни услови и како пример посочија дека минатата година тогашната влада обезбеди еврообврзница од 500 милиони евра со каматна стапка од 7%.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера од Вашингтон најави дека од Унгарија првично ќе се обезбедат 500 милиони евра со каматната стапка од 3, 25 отсто, три години грејс период и 12 години рок на отплата. Доколку има потреба ќе се земат уште средства.