СКОПЈЕ – Предложи човек кој не ги исполнува законските услови па потоа самата себе се коригираше. Владата одржа дополнителна седница попладнево на која го предложи Хекуран Асани за директор во М-НАВ наместо првичниот предлог, Илир Мехмеди, кој не ги исполнуваше законските услови. Мехмеди доаѓа од Агенцијата за цивилно воздухопловство, а не од М-НАВ и нема валидна дозвола за надзорен контролор за летање ниту пак има шестгодишно работно искуство како контролор, нешто што се бара со член 17 од статут на македонската навигација.
Предлогот Милан Кораќ инженер техничар во М-НАВ, да биде именуван останува и со ова Владата ја заклучи препораката до надзорниот одбор во М-НАВ за разрешување на актуелните директори Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски, додека Хасим Деари останува на функцијата.
„Владата воедно му препорача на надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје на позицијата Претседател на Управен одбор и Извршен Директор во СВН да го именува Хекуран Асани, а за Член на Управен Одбор и Извршен Директор во СВТ да го именува Милан Кораќ“, соопштија од Владата.
Според биографијата испратена од Владата Асани е вработен во М-НАВ од 2005 година а од 2007 година работи како контролор додека од 2021 година и како инструктор. Кораќ од позицијата Раководител-инструктор за електроенергетика во М-НАВ и има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.
Од Владата побараа Агенцијата за цивилно воздухопловство да го заврши извештајот од вонредниот надзор извршен минатиот петок, кој првично покажал како што кажа директорот Томислав Тунтев дека не била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај туку на самиот објект и заклучоците да ги достави до министерството за транспорт и врски.
Од Синдикатот на Контролори за летање соопштија дека штрајк утре нема да има бидејќи Владата ги испочитува нивните барања. Од Синдикатот беа децидни дека доколку нема разрешувања од утре почнува штрајк со што ќе бидат оневозможени полетувања и слетувања од двата аеродроми во државата и ќе бидат дозволени само прелети.
„Штрајкот го ставаме во мирување додека надзорниот одбор не ја спроведе препораката на Владата и не ги именува новите членови “, изјави Александар Тасевски, претседател на Синдикатот.
Финансиската полиција, како што најави, денеска влезе во административната зграда на М-НАВ во центарот на Скопје за да ја проверува документацијата за финансиското работење, јавни набавки и како што потенцираа оттаму процесите на вработување во државната компанија. Ќе се испитува и финансиското работење на Синдикатот.
За упадот во М-НАВ се осомничени осум лица а првоосомничен е Беким Незири, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ во Чаир кој ги водел напаѓачите кои службеното обезбедување ги пуштило да влезат во зградата на Контролата за летање на скопскиот меѓународен аеродром.
Обвинителството ги товареше за кривично дело „загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ член 303 став 2 за кој се предвидува минимална затворска казна од пет години и бараше притвор за четворицата осомничени кои се обезбедени но судија на претходна постапка одлучи да им одреди поблага мерка за претпазливост.