Линкови за пристапност

Владата почнува со поединечни преговори со банките за пари за бизнисот


Поединечни средби со банкарите, се вклучува и Народната банка а во игра се две сценарија вели премиерот Мицкоски. Нема договор за висината на банкарските трошоци и дали и колку Владата ќе субвенционира. Бизнисот бара да почне исплатата на парите од унгарскиот кредит, условите ги оцени како поволни

СКОПЈЕ - Поединечни преговори со банките во министерството за финансии ќе се одвиваат до крајот на неделата за да најде решение околу висината на банкарските трошоци при распределбата на 250 милиони евра од унгарскиот кредит наменети за бизнисот.

Две сценарија се во игра а во преговорите се вклучува и централната односно Народната банка и гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, соопшти премиерот Христијан Мицкоски. Дали Владата ќе ги покрие трошоците за кредитниот ризик останува отворено прашање. Конечен договор, според премиерот ќе има на крајот од оваа или на почетокот од следната недела.

„Анализираме две сценарија. Во текот на оваа недела ќе има министерството за финансии поединечни средби со дел од банките вклучително и Гувернерката на централната банка. Очекувам крајот на оваа или почетокот на следната да излеземе со конечна позиција и да тргне оваа работа. Да се трудиме компаниите да добијат еднакви историски најниски услови што во овој момент може да се најдат било каде во светот“, изјави премиерот Мицкоски.

Од Сојузот на стопански комори денес побараа што побрзо да почне исплатата на средствата бидејќи на македонската економија и треба поддршка. Околу условите за фирмите кои би аплицирале за средства од кредитот, претседателот на Сојузот на Стопански комори Трајан Ангеловски, смета дека се поповолни од оние во комерцијалните банки.

„И да се случи субвенционирање на каматите ова нема да биде првиот случај. И во минатото македонските влади ги субвенционирале каматите. И сите нормални држави на овој свет одлучиле дека им се потребни банки на развој. Очекуваме што е можно побрзо Владата да ги договори условите. Овој кредит во однос на рочноста е поповолен во однос на комерцијалните. Во однос класичните комерцијални камати 3,25 е добра камата. Ние од приватниот сектор очекуваме дека овие средства ќе ги добиеме преку развојната и комерцијалните банки и ќе биде стимул за развој, инвестиции и нови работни места“, изјави Ангеловски.

Владата и банкарите викендов договорија рокот за отплата на кредитот да биде до 15 години со грејс период до три години и да може да се исплати и побрзо доколку фирмата која го подигнала може да го стори тоа. Ова прашање беше една од пречките бидејќи во праксата на банките е овој рок да изнесува од 7 до 10 годни.

Премиерот, викендов, по средбата со банкарите кажа дека се разгледува висината на банкарските трошоци и дека тој дел останува да се допрецизира за да може да почне исплатата на парите.

XS
SM
MD
LG