Линкови за пристапност

Владата на САД го заплени авионот што го користел Мадуро поради прекршување на санкции


Венецуелскиот претседател Николас Мадуро одржува прес-конференција во претседателската палата во Каракас, Венецуела, 31 јули 2024 година, три дена по неговиот спорен реизбор
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро одржува прес-конференција во претседателската палата во Каракас, Венецуела, 31 јули 2024 година, три дена по неговиот спорен реизбор

Американската влада го заплени авионот што го користел венецуелскиот претседател Николас Мадуро, за кој официјални лица велат дека бил незаконски купен преку компанија и прошверцуван од САД, наведувајќи ги прекршувањата на санкциите и законите за контрола на извозот.

Dassault Falcon 900EX бол запленет во Доминиканската Република и пренесен кај федерални службеници во Флорида, соопшти во понеделникот Одделот за правда.

Американските власти велат дека соработниците на венецуелскиот лидер користеле компанија со седиште во Карибите за да ја сокријат нивната вмешаност во купувањето на авионот, проценет во тоа време на 13 милиони долари, од компанија во Флорида.

Авионот бил извезен од САД во Венецуела, преку Карибите, во април 2023 година во трансакција со цел да се заобиколи извршната наредба со која на американските лица им се забранува деловни трансакции со режимот на Мадуро.

Авионот, регистриран во Сан Марино, бил широко користен од Мадуро за странски патувања, вклучително и во патувањата на почетокот на оваа година во Гвајана и Куба.

„Оваа заплена нека испрати јасна порака: авионите незаконски купени од САД во корист на санкционираните венецуелски официјални лица не можат да видат среќен крај“, рече Метју Акселрод, помошник-секретар за спроведување на извозот во Одделот за трговија.

Соопштението за заплена доаѓа нешто повеќе од еден месец откако Венецуелците се упатија на гласачките места за многу очекуваните претседателски избори, на кои изборните власти лојални на владејачката партија, го прогласија Мадуро за победник без да покажат никакви детални резултати за да го поткрепат своето тврдење.

Недостатокот на транспарентност предизвика меѓународна осуда против владата на Мадуро.

Во меѓувреме, опозицијата успеа да добие повеќе од 80 отсто од избирачките гласови - кои се сметаат за врвен доказ за резултатите – на национално ниво.

Документите покажуваат дека Мадуро изгубил со голема разлика од поранешниот дипломат Едмундо Гонзалес.

Авионот, исто така, превезуваше неколку Американци затворени со години во Венецуела до карипскиот остров Кануан минатиот декември, каде што беа заменети за близок сојузник на Мадуро, бизнисменот Алекс Сааб, затворен во САД поради обвинение за перење пари.

Во март, тој полета во Доминиканската Република, заедно со авион регистриран во Венецуела.

САД санкционираа 55 авиони со венецуелска регистрација кои припаѓаат на државниот нафтен гигант PDVSA.

Исто така, понудена е награда од 15 милиони долари за апсењето на Мадуро за да се соочи со федералните обвиненија за трговија со дрога во Њујорк.

Централизираната прес-служба на владата на Венецуела не одговори веднаш на пораката од Асошиетед прес во понеделникот барајќи коментар.

XS
SM
MD
LG