Линкови за пристапност

Владата и ССМ се разидоа околу прагот од 500 евра за минимална плата


Премиерот Христијан Мицкоски го одби предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за минимална плата од 500 евра и ги обвини за координирање со опозициските партии. Фото: Илустрација, денари.
Премиерот Христијан Мицкоски го одби предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за минимална плата од 500 евра и ги обвини за координирање со опозициските партии. Фото: Илустрација, денари.

Пари во Буџетот за субвенционирање на придонеси нема а Синдикатот е на иста линија со опозицијата тврди премиерот Мицкоски. Од ССМ одговорија дека работниците се борат за корка леб а политичарите за гола политика. Повеќе од извесно е дека минималецот ќе се качи за законски предвидените 1.800 денари

СКОПЈЕ – Ниту 450 ниту 500 евра минимална плата туку 1.800 денари покачување според постоечките законски прописи откако премиерот Христијан Мицкоски денес официјално го одби предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и ги обвини за координирање со опозициските партии.

Иако претходно премиерот Мицкоски кажа дека Владата ќе прифати било каков договор меѓу синдикатите и работодавачите, сега е дециден дека во Буџетот нема пари за субвенционирање на придонеси доколку минималецот изнесува 30.500 денари откако Синдикатите и бизнисот се доближија во ставовите за оваа сума.

Христијан Мицкоски, претседател на Влада на РС Македонија
Христијан Мицкоски, претседател на Влада на РС Македонија
Жалам што ССМ полека но сигурно се претвори во партиска бина на коалицијата Левица СДСМ и ДУИ
Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија

„Имам информација дека не се сложни за таа сума. Придонесите кои би ги плаќала владата, дополнителните придонеси не се предвидени во Буџетот. Не знам како би се сложиле кога немаме репрезентативен претставник на Синдикатите. Доколку се избере репрезентативен претставник и тој се сложат со работодавачите за 30 илјади денари минимална плата а работодавачите целосно ќе ги исплатат придонесите кон вработените ќе го прифатиме предлогот“, изјави премиерот Мицкоски.

Предлогот на ССМ завчера излезе со предлог до Владата, работодавачите и до координаторите на пратеничките групи во Собранието за утврдување на минималната плата согласно законот и носење на одлука за зголемување на минималецот и за дополнителни 6.000 денари со тоа што работодавачите во наредните 12 месеци би биле помогнати или субвенционирани од Буџетот за придонесите на дополнителните шест илјади денари.

Партиска или работничка борба за повисок минималец

Мицкоски смета дека има координација меѓу ССМ и опозициските партии.

„Жалам што ССМ полека но сигурно се претвори во партиска бина на коалицијата Левица СДСМ и ДУИ и тоа што го говорат во парламентот тие го говорат на прес конференции“, рече премиерот.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, отфрли било каква политичка поврзаност и нагласи дека зголемувањето на платите на работниците е исклучиво работничка борба.

Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

„Ние работниците се бориме за корка леб, тие политичарите за гола политика! Борбата за зголемување на работничките плати е чиста работничка борба!“, изјави Трендафилов за Гласот на Америка на македонски јазик.

Ние работниците се бориме за корка леб, тие политичарите за гола политика, борбата за зголемување на работничките плати е чиста работничка борба
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Со реакција се јави и опозициската СДСМ, која најави законски измени за покачување на минималната плата на 500 евра. Оттаму го обвинија премиерот Мицкоски дека нема почит кон работниците.

„ Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека илјадници работници живеат во сиромаштија, владата на ДПМНЕ има пари за авиони и привилегии за функционерите, но не и за зголемување на минималната плата. Мицкоски дефинитивно потврди дека е против раст на платите и против достоинствен живот на работниците. Со тоа, уште еднаш покажа дека ДПМНЕ нема никаква намера да ги поддржи работниците, туку исклучиво да се грижи за елитата. Како е можно од најголемиот буџет во историјата од 6 милијарди евра да нема пари за поголеми плати на работниците?“, стои во соопштението на СДСМ.

Вчера Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО – ДПМНЕ, најави дека владејачкото мнозинство нема да го прифати предлог законот на опозициската СДСМ за зголемување на минималната плата.

Репрезентативност па одлука во Економско социјалниот совет

Прашањето за минималецот ќе се решава на седница Економско социјален совет, кој треба да се одржи кон средината на месецов но претходно Владата на следната седница мора да ја комплетира Комисијата која треба да ја потврдат репрезентативноста на ССМ, нешто без што не може да се одржи состанокот.

Судирот меѓу Владата и ССМ продолжува и по прашањето на пресметката за синдикалната минимална кошничка бидејќи Мицкоски изјави дека не е реална со продукти кои не се сеознски додека министерката за финансии Гордана Кочоска пак кажа дека не и е јасно зошто грашокот во конзерва е ставен во кошничката за едно четиричлено семејство во која има и 13 литри млеко. Владата најави дека ќе состави минимална кошничка според сопствени параметри.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG