Линкови за пристапност

Владата го усвои предлог Буџетот за 2024 година тежок 5,5 милијарди евра


Премиерот Ковачевски е дециден дека е развоен Буџет. Министерот за финансии Бесими најави дека приходите во Буџетот ќе бидат повисоки за 10 отсто споредено со годинава, за реализација на капитални инвестиции се планираат 733 милиони евра а дефицитот се проектира на 545 милиони евра

СКОПЈЕ – Владата на денешната седница го усвои предлог Буџетот за 2024 година на министерството за финансии. Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими го оценија како развоен и дека ќе обезбеди економски раст.

Предлог Буџетот за 2024 година тежи 5,5 милијарди евра, во него над 660 милиони ќе бидат за исплата на плати во јавниот сектор а 733 милиони евра ќе се одвојат за капиталните инвестиции.

„Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари односно 5 милијарди и 42 милиони евра или 31,6% од БДП и истите се за 10% повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или 5,5 милијарди евра што е 35% од БДП или за 5,8% пониско во однос на 2023 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 3,4% од планираниот БДП или во апсолутен износ од 33,5 милијарди денари или 545 милиони евра. Планираниот дефицит е во согласност со определбата за фискална консолидација, пропратена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и реализацијата на инфраструктурните проекти“, изјави премиерот Ковачевски.

Премиерот и министерот Бесими предвидуваат дека наредната година ќе има раст на економијата од 3,4 во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка, додека стапката на инфлација се очекува да се стабилизира и е проектирана на 3,6 отсто на годишно ниво.

Државата ќе се задолжи и над 1 милијарда евра. Со парите ќе се враќаат стари долгови, а ќе се покрива и буџетскиот дефицит.

Кога станува збор за платите во јавниот сектор министерот Бесими појасни дека повеќе средства ќе има за зголемените примања во образование, здравство, за пензионерите, а ќе продолжат и субвенциите за струја. Бесими тврди дека во 2024 година не предвидел средства за повисоките функционерски плати. За претседателските и парламентарни избори кои ќе се одржат наредната година се предвидени една милијарда денари.

„ Ќе има еден период кога нема да има вработувања во текот на наредната година. Ние оваа година во однос на 2022 имаме намалено 1.500 вработени во јавниот сектор и тоа 1.000 на централно и 500 во регионални институции во државата. Тоа се одразува и беше план лани во буџетот го кажавме при фискалната консолидација дека ќе се пополнат испразнетите места. Имаме над 80 отсто од тоа дека ќе се пополнат. Таму каде што имаше потреба се пополнува целосно и тоа резултат на таа политика што минатата година беше презентирана и во текот на потребите што ги имаше во одредени институции се користеа трансфери од една во друга институција“, изјави Бесими.

Предлог Буџетот допрва ќе биде преставен во Собранието каде пратениците ќе треба да го гласаат.

XS
SM
MD
LG