СКОПЈЕ – „Ако трговците и дистрибутерите по оваа моја изјава не покажат општествена одговорност пред Нова година ќе донесеме поригорозни мерки. Врз основа на податоците од Пазарната инспекција ќе ја донесам одлуката дали ќе ги замрзнам цените или маржите ако трговците не се коригираат. Ќе бидеме принудени. Тоа зависи највеќе од нив. Сакавме да покажеме добра волја“ … Ова е пораката која денес на прес-конференција министерот за економија и труд, Бесар Друмиши ја испрати до дел од трговците кај кои е забележано драстично поскапување на основните прехранбени продукти кои не се опфатени со акцијата „Новогодишна кошничка“.
Тој е дециден дека ќе ги чека пазарните инспектори кои од утрово се на терен и проверуваат како и колку во последните три месеци растеле цените на продуктите кои не се опфатени со акцијата а чии цени нагло се зголемија. За два до три дена очекува повратна информација од Државниот пазарен инспекторат и јасна слика кој колку манипулирал со цените на сметка на граѓаните.
„Сакам да апелирам до сите чините во овој процес да ја покажат општествената одговорност за која зборуваа кога на нивен предлог ја креиравме оваа акција – „новогодишна кошничка“. Апелирам да ги коригираат цените на оние продукти кои им се најпотребни на граѓаните во време на овие празници и да им излезат во пресрет. Нема да дозволам и да толерирам да ги изиграат граѓаните за време на празници. Не може тоа што им беше дадено како право и можност за едни производи едни производи да надоместат со драматично зголемување на цени на други производи како што се млеко, јајца, леб, млечни производи, масло за готвење, шеќер, сол и кафе. Апелирам до големите трговски ланци да го преиспитаат однесувањето или ќе ги користам сите механизми кои ми се на располагање“, рече министерот Дурмиши.
Министерот Дурмиши не кажа дали се чувствува изигран од трговците иако и јавноста и експертите предупредуваа дека големи ланци маркети успеаја да ја изиграат владината одлука мерка – „есенска кошничка“ за која беа пропишани казни за разлика од сегашната акција која е на сила.
Премиерот Христијан Мицкоски повторно предупреди дека Владата и институциите ќе интервенираат доколку трговците кои се забележани дека несразмерно поскапеле цени на продукти не се коригираат. Меѓутоа кои мерки би ги применила Владата доколку трговците одлучат да не отстапат од зголемувањето на цените и профитот премиерот не соопшти како и дали единствени на располагање се ограничувањето на маржи и замрзнување на цени.
„Ќе има соодветни процедури и тие процедури, трае анализата, деновиве ќе бидат аплицирани. Тоа што тие мислеа дека ќе нè надмудрат на овој начин и си играат со трпението на Владата и граѓаните не е добро. И мислам дека треба да си го преиспитаат однесувањето. Затоа што ова не е коректно однесување посебно пред празници. На ваков начин не треба да се прават големи профити. Граѓаните очекуваат од нив разбирање и во најмала мерка да биде онака како што било а не наеднаш да се зголемуваат цените на одредени продукти. На одредени продукти цените се зголемени за 25 проценти. Тоа е неетично однесување и би рекол нечовечно однесување. Уште денес ќе има реакција од институциите а доколку вака продолжат таа реакција ќе биде уште поробустна во периодот кој следи“, изјави премиерот Мицкоски.
Бројките и податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) беа јасни и предупредија дека уште пред 15 ноември, почетокот на периодот во кој ќе се следат цените, трговците ги покачиле цените на основните продукти. Инфлацијата во ноември беше зголемена токму поради 4 проценти зголемување на цените на мало а споредено со ноември минатата година цените на храната се зголемени за 5,3 проценти.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) излезе со својата пресметка за минималната синдикална кошница која за само еден месец стана потешка за 840 денари и сега изнесува 62.861 денар а клучно е што 63 основни производи кои се наоѓаат во кошницата наместо да поевтинат за 10 отсто поскапеле за 397 денари.
Јавноста и експертите предупредуваа дека се отвора простор за шпекулативно однесување бидејќи периодот за контрола е краток трговците може да ги покачат цените пред 15 ноември како и отсуство на механизам за контрола и казнување со оглед дека станува збор за обична акција.
Акцијата „новогодишна кошничка“ ќе биде на сила до 15 јануари а опфаќа над илјада производи кои беа предложени токму од производителите и трговците а со единствена цел да им помогне на граѓаните за време на новогодишните празници.