Ирелевантни се тврдењата дека македонскиот јазик не постои, вели за Гласот на Америка, годишниот добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, македонскиот поет Влада Урошевиќ, во контекст на бугарските ставови дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Неговите први песни напишани на македонски јазик се од 1952 година.
„Мојот опус е цел на македонски и за мене тоа прашање за јазикот апсолутно мислам дека е потполно ирелевантно. Треба да биде надвор од секаков наш интерес. Тоа се некои комплекси на нашите соседи за жал од кои не можат да се ослободат и нека си останат со свое мислење ако сакаат“, вели Урошевиќ.
Тоа се некои комплекси на нашите соседи за жал од кои не можат да се ослободат и нека си останат со свое мислење ако сакаатВлада Урошевиќ
Според него дијалог на такви теми воопшто и не треба да се прифаќа.
„Апсолутно не треба да се прифаќа полемика и дијалог за такви прашања, како што е македонскиот јазик. Тој постои. Тој е факт, на него се напишани извонредни прозни и поетски дела и ако некој смета дека тој не постои, нека смета и понатаму дека не постои. Нас тоа не треба да не интересира“, вели Урошевиќ.
Младата поетеса, Дамјана Видическа, која е член на Друштвото на писатели на Македонија, се надева дека младата генерација на писатели од двете страни на границата, ќе одолее на провокациите.
„Јас сметам дека за да нешто профункционира мора да постои контакт и добра политика. Политика која се сведува на меѓувзаемно разбирање. Не треба овде да постои некаква кавга или некаков аргумент. Ние треба да споделуваме наши искуства, наши дела и така взаемно да ги делиме тие традиции, разлики, сличности, бидејќи тоа е едното нешто кое не спојува. Ако некој не сака да се разбере, или не сака да му пристапи на проблемот со разбирање, тоа не би одело никаде“, вели Видическа.
Вели дека ќе продолжи да пишува на македонски јазик, како што тоа го правеле и многу други писатели пред неа.
„Македонскиот јазик постоел и ќе постои и како млад поет мислам и сметам дека и другите млади поети ќе продолжиме да пишуваме на македонски јазик и дека ќе ја продолжиме да ја негуваме таа традиција и ќе го негуваме нашиот јазик, бидејќи нашиот јазик е македонскиот јазик и ќе постои“, вели поетесата Видическа.
Според неа не треба да постои некаква бариера, кога станува збор за јазикот и пишаниот збор.