Руските власти соопштија дека бомба експлодирала денес на улица во Москва, при што загинале две лица, вклучително и командантот на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана.
Експлозијата се случила додека генерал-полковник Игор Кирилов и неговиот заменик излегувале од станбена зграда во југоисточна Москва, според рускиот истражен комитет.
Властите соопштија дека бомбата била скриена во електричен скутер паркиран во близина на влезот на зградата.
Видео од местото на експлозијата покажува јагленисана фасада, скршени тули и прозорци. Бомбашкиот напад се случи еден ден откако украинските обвинители го обвинија Кирилов во врска со употребата на хемиско оружје од страна на руските сили во нивната речиси тригодишна војна во Украина.
Во октомври, Британија, исто така, го санкционираше Кирилов за помагање во распоредувањето на, како што го нарече, „варварско“ хемиско оружје против украинските сили.
Украина денес ја презеде одговорноста за убиството на висок руски генерал на улица во Москва со далечинско детонирање на бомба скриена во скутер пред неговата станбена зграда.
Некои информации се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс