Се прават последните подготовки на Античкиот театар, со кое ќе биде отворено уште едно издание на најпрестижната културна манифестација во Северна Македонија, фестивалот Охридско лето. 64-тото издание ќе биде отворено со палење на фестивалскиот оган и настапот на светскиот виртуоз на виолина од Литванија, Џулијан Рахлин. Тој ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, кои годинава одбележуваат осум децении од своето постоење. Повеќе од 3.000 посетители се очекува да го проследат настапот на Рахлин. Тој покрај виолината ќе настапи и како диригент. Директорката Наташа Поповиќ вели дека фестивалот и овој пат ќе понуди богата програма.
„Можеби би го издвоила 19-ти јули со најпознатиот британски пијанист Гери Даглас, кој ќе настапи со свој целовечерен концерт во црквата Св.Софија. На 26-ти јули на Античкиот театар, 50 години слави нашиот безвременски гитарист Влатко Стефановски. Американската вечер ќе биде на 27-ми јули во предворјето на црквата Св.Софија со премиерата на претставата Крал Лир од Вилијам Шекспир на Лит Мун Ворлд театарот од Санта Барбара, Калифорнија“, вели Наташа Поповиќ, директорка на Охридско лето.
На Охридско лето годинава ќе продефилираат повеќе од 500 уметници од 24 држави. Од 12-ти јули до 20-ти август, публиката ќе ужива во 27 концерти, шест театарски претстави и три настани во дополнителната програма. Фестивалот завршува на 20-ти август. Покрај на Антички, дел од настаните ќе се одржуваат и на отворените сцени на Долни Сарај и предворјето на црквата „Св.Софија“, во самата црква како и во Центарот за култура. На Охридско лето и ова издание посебно место имаат домашните уметници, од областа на класичната музика и театарот.