Линкови за пристапност

Видовме масовни гробници: Протест на Украинските граѓани во Скопје по повод една година од злосторствата во Буча


Протестен собир на украинските граѓани по повод една година од злосторствата во Буча
Протестен собир на украинските граѓани по повод една година од злосторствата во Буча

Учесниците на протестот побараа дипломатите од амбасадата на Русија во земјава да си дадат оставка, да побараат азил и да му свртат грб на режимот на Владимир Путин

Видовме масовни гробници: Протест на Украинските граѓани во Скопје по повод една година од злосторствата во Буча

Повеќе од 1.400 цивили, од кои 37 деца, биле крвнички убиени за едномесечната руска окупација на Буча, беше истакнато денеска на протестот што се одржа во Скопје, а по повод една година од откривањето на злосторствата што руските сили ги извршиле во киевското предградие на почетокот од инвазијата врз Украина.

„Со ослободувањето и на другите градови после Буча, видовме масовни гробници, масовни убиства на цивили. Официјално се потврдени повеќе од 8.000 убиени луѓе, меѓу кои се и 500 деца. Во годините што ќе доаѓаат ќе дознаваме колку луѓе биле убиени“, рече Александер Урбанович, претседател на украинското здружение „Лесја Украинка“.

Тој воедно додаде дека и бројни украински спортисти ги загубиле животите во одбрана на земјата од руската агресија.

„Не смееме да дозволиме Русија да учествува на Олимписките игри, ниту под белото знаме“, рече Урбанович.

На протестниот собир беше упатена и порака до дипломатите од амбасадата на Руската федерација во Северна Македонија, да ја осудат пораката на Москва.

„Осудете ја варварската, напаѓачка војна против Украина што ја започна злосторничкиот режим на В. Путин. Додека сè уште не е доцна, поднесете оставка и побарајте азил“, се вели во пораката упатена до руските дипломати.

На 31 март минатата година украинските сили влегоа во Буча, откако руската војска набрзина се повлече од предградијата на Киев. На улиците во предградијата беа пронајдени тела од убиени цивили, како и масовни гробници.

Русија негираше дека ги извршила убиствата, тврдејќи дека снимките од загинатите биле наместени.

XS
SM
MD
LG