На сатиричен начин исмејувајќи ги актуелните политички и општествени случувања во државата, продолжи 1400-тини години старата традиција на одржување на Вевчанскиот карневал. Оваа забава под маски на едно место собра околу илјада маскирани Вевчанци кои уште еднаш ја покажаа својата смисла за хумор и сатира.
Најголемо внимание предизвикаа маските со бајачката на Груевски, милијардерот Џорџ Сорос, Шарената револуција, а Вевчанци порачаа дека американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли „е добредојден во Вевчани“. Ако во реалноста не можат, во Вевчани СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беа во коалиција.
„Федерализација, кантонизација, двојазичност, унитарна“, беше порачано преку една од маските.
Низ Вевчани продифилираа и традиционалните маски: зетот и невестата, Глупавиот август и музичарите, а преку маска пристигна и корејскиот диктатор Ким Јонг Ун кој на светот му се закани со нуклеарна катастрофа.
Градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски кажа дека тие се задоволни од тоа како поминала целата манифестација која со години наназад е симбол на Вевчани и Македонија и во светски рамки.
„Локалната самоуправа и јас како градоначалник многу малку имаме удел во маските. Во разговор со претседателите на друштвата, од Горна и Долна Маала, и тие не можат да ги контролираат маските. Можеби има политички маски, но политичарите не треба да се навредат со тоа“., рече Угриноски.
И покрај врнежите од снег Вевчанскиот карневал го проследија неколку илјади граѓани не само од Вевчани туку и од други населени места, а имаше и многу странски туристи, помеѓу кои група гости од САД и Велика Британија.
Карневалот завршува со традиционалното палење на маските сред село. Од следниот ден Вевчанци веќе започнуваат да размислуваат како би се маскирале наредната година. Инаку Вевчанскиот карневал од 1993 година е член на Здружението на европските карневалски градови. Она по што уште е познато Вевчани се и Вевчанскиот пасош како и Вевчанските личници, банкноти кои туристите ги добиваат при нивната посета на Вевчани.