Линкови за пристапност

Невработени ветерани


Невработени ветерани
Невработени ветерани

Иако припадниците во американската армија се мал сегмент од севкупната популација во САД, стапката на невработеност на воените ветерани е далеку над просекот на национално ниво. Приближно 12 проценти од ветераните од војните во Ирак и во Авганистан се без работа, споредено со 8,5 проценти од сите Американци.

Ветерани чекаат во долги редици на саем за вработување. Некои се` уште се во активна служба, како Ернест Писоња, стациониран во Авганистан. Зависно од тоа дали ќе најде работа на саемов, тој или ќе продолжи со служењето во армијата, или пак ќе побара да биде разрешен. Вели, има познавања за компјутери и телефони и сака да види што се нуди.

На саемот учествуваат околу 50 компании. Мајкл Сорентино служел 12 години во армијата. Ја загубил работата во градежништвото во 2008-ма и оттогаш бара постојана работа. Неодамна добил помош од Службата за вработување - Америка работи:

„Не ти наплаќаат за услугите, ниту те испрашуваат. Им праќаш резиме. Ако немаш костум и чевли, ќе ти обезбедат. Ќе те подучат како да се однесуваш на интервјуто за вработување“, вели Сорентино.

Америка работи има канцеларии во неколку градови и добива поддршка од владата.

Ветеранот Френк Грин не само што е без работа, туку и без дом. Тој вели дека не кажува дека живее во прифатилиште за бездомници, но ако го прашаат - не лаже.

„Тешко е да се најде работа. Има голема конкуренција, но не се откажувам. Јас сум борец, ќе преживеам“, вели тој.

Ли Бовс, извршна директорка на Америка работи, говори за транзицијата на ветераните во цивилниот живот:

„Тие не знаат како да се подготват за работа во приватниот сектор - од соодветен начин на облекување, па се` до тоа како да го искористат армиското искуство за дејности што се нудат на пазарот за вработување“, вели Бовс.

Со оглед дека илјадници ќе се вратат од армиските должности во наредните години, прашањето е - дали за нив ќе има работа кога ќе дојдат дома?

XS
SM
MD
LG