Во овој период преговори меѓу Скопје и Софија ќе нема. Разговорите ќе продолжат по априлските парламентарни избори во Бугарија. Тоа го обелодени премиерот Зоран Заев, употребувајќи ја формулацијата „официјалните преговори завршија“.
„Процесот на официјални преговори заврши. Јас верувам дека следува процес на реализација на Акцискиот план, а веднаш по изборите во Бугарија да влеземе во разговорите и преговорите на политички основи, затоа што секогаш пред избори навистина е нерационално и невнимателно да се преговара за политички теми. Но, можеме да работиме на Акциониот план, инфрастурктурата, спорот, образованието, информатичкото општество, туризмот и други обрвски, кои се на двете страни со цел да го јакнеме пријателството меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија“, рече Заев.
Она на што во наредните месеци, до априлските избори, ќе се фокусираат надлежните, ќе биде имплементација на Акцискиот план за што и минатата седмица во Софија беше специјалниот пратеник Владо Бучковски.
Паралелно, за ситуацијата со Бугарија која, откако отвори низа, меѓу другото и идентитетски прашања, го блокираше почетокот на преговори со ЕУ, се подготвува терен да се дебатира во Собранието.
„Верувам, во кординација со претседателот на Комисијата за нaдворешна политика, ќе се договори термин кога е слободен Парламентот, пратениците, членови на таа комисија да бидат присутни за да можат да дадат мислења“, изјави Заев.
Засега не се знае кога би се одржала седница на Комисијата. Не се исклучува можноста тоа да се случи неделава. За ветото од Бугарија, Христијан Мицкоски денеска во Будимпешта разговарал со унгарскиот премиер Орбан.
„Зборувавме за блокираниот пат на Македонија во рамките на Европската Унија, и нашите домаќини го споделија нивното искуство како течеа преговорите кога Унгарија практично стануваше членка на Европската Унија. Од страна на домаќините беше уште еднаш реафирмирана недвосмислената поддршка за Македонија, за македонскиот народ, за граѓаните на Македонија и недвосмислената поддршка во евроинтегративниот процес“, изјави Мицкоски.
Евроинтегарциите биле тема на денешниот состанок во претседателскиот кабинет. Шефот на државата му пренел на евроамабасадорот Дејвид Гир дека само преку дијалог и почитување на принципите и вредностите на Унијата може да се надминат билатерални разлики и предизвици.
„Ниедна земја членка на ЕУ не смее преку поставување ирационални барања да ја доведува во прашање европската иднина на нашиот народ“, порачал претседателот Пендаровски.
Facebook Forum