Линкови за пристапност

Трамп им овозможи доживотен бесплатен пристап на ветераните до националните паркови


Денот на ветераните се слави секоја година на 11 ноември, традиција што започна со крајот на Првата светска војна

Пред Денот на ветераните во среда, администрацијата на Трамп објави доживотен бесплатен влез во американските национални паркови за сите ветерани и Семејствата на златна ѕвезда - огранизација на семејства кои изгубиле член од семејството во Ирачката војна.

„Администрацијата на Трамп е посветена на почитување на американските патриоти - мажите и жените кои служеле во нашите оружени сили“, рече Секретарот за внатрешни работи Дејвид Л. Бернхарт.

Минатата недела претседателот Доналд Трамп ноември го прогласи за „Национален месец на ветераните и армиските семејства“. Тој беше многу критикуван во септември кога магазинот Атлантик извести дека тој наводно употребил погрдни зборови за американските војници убиени во борба, наводи што претседателот ги негира.

Денот на ветераните се комеморира секоја година на 11-ти ноември, традиција што започнала кога Првата светска војна завршила на тој ден во 1918 со капитулацијата на Германија.

Денот е во чест на секој што служел во американските оружени сили. Во типична година, денот се одбележува со церемонии, воени оркестри и паради низ целата држава. Оваа година, заради пандемијата со коронавирус, многу настани се откажани, намалени по обем или заменети со виртуелен формат во многу градови.

Редуцирани настани

Претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија, ќе учествуваат на одбележувањето на националниот празник на Националните гробишта во Арлингтон. Настанот нема да биде отворен за јавност, но ќе има пренос во живо од Гробот на незнајниот војник, каде се оддава почит на припадниците на американската армија кои биле убиени во битка и чии останки не биле идентификувани.

Виртуелни комеморации исто така ќе се одвиваат кај Меморијалот на виетнамските ветерани во Вашингтон и кај Меморијалот на виетнамските ветерани во Њу Џерси.

Официјалните лица во Форт Ворт, Тексас одржуваат модифицирана парада, наречена Меморијална воена колона, со поворка од возила само на тркала. Прославата на Денот на ветерани во Њујорк треба да вклучи серија настани во живо, со почитување на социјалното дистанцирање, како и виртуелни настани.

Пост-избори

Намалените комеморации оваа година доаѓаат и по жестоко водената изборна кампања со тенки маргини во неколку клучни држави што покажаа колку е политички поделена земјата.

Прелиминарните излезни анкети од изборите покажаа дека Трамп водел меѓу припадниците на армијата, 52% спрема 44%. Сепак, претседателот имаше помала маргина на поддршка во 2020 година отколку во 2016 година, кога предводеше со 59% спрема 35%.

Анкета на „Воени времиња“ во октомври 2018 година покажа дека околу половина од воениот персонал рекол дека не се идентификува со ниту една од најголемите политички партии, што е тренд и во последниве години.

Анкетата на списанието исто така покажа дека повеќе од три четвртини од војниците сметаат дека војската станала политички поларизирана во последните неколку години.

Почетоците по Првата светска војна

Денот на ветераните традиционално е време кога Американците се собираат без оглед на политичката партија за да ја поддржат и испочитуваат службата на сите ветерани.

Денот почна националнпо да се одбележува во 1926 година. Во тоа време, тој беше познат како Ден на примирјето, во чест на германското предавање на Првата светска војна на 11 ноември 1918 година, во 11 часот - 11-тиот час од 11-тиот ден на 11-тиот месец.

Конгресот го смени името на празникот во Ден на ветераните во 1954 година за да ги почести не само американските ветерани од Првата светска војна, туку и ветераните од Втората светска војна, која заврши во 1945 година.

Денот сега оддава почест на секој воен ветеран на САД, а не само на оние кои војувале во војна. Одделен е од празникот Ден на сеќавањето во мај, кој ги почитува оние што загинале при вршење воена служба.

Според податоците на пописот на САД, САД имаат околу 17,4 милиони ветерани. Нешто повеќе од половина биле на 65 години или постари во 2019 година.

Според податоците, сојузни држави со најголем процент на ветерани - повеќе од 10% - се Вирџинија, Монтана, Вајоминг и Алјаска.

Американското Министерство за ветерански работи проценува дека речиси 42 милиони Американци се бореле во војни од Американската револуција во 1775 година до Пустинската бура во 1991 година. Други 3,3 милиони ветерани служеле во армијата од терористичките напади против Соединетите држави на 11 септември 2001 година.

XS
SM
MD
LG