Линкови за пристапност

Програма за вработување на ветераните


Американската култура ја слави и цени службата на ветераните но, 7,2 милиони од нив се невработени.

Секоја година на 11-ти ноември, во САД се слави службата на ветераните од војната. Но, поголемиот дел од нив, кога ќе се одлучат да се вратат назад во цивилниот живот, тешко наоѓаат работа.

После четири годишна служба во армијата, ветеранот Џошуа Пелинг нашол работа како магационер.

За него ниско платената работа не била ништо ново. Кога бил помлад, го напуштил средното училиште во Питсбург, Пенсилванија. Тој вели дека прифаќал бесперспективни работни места за плата. Во 2008-ма година се приклучил на армијата, зашто тоа му изгледало со повеќе смисла.

Пелинг добил работа во Форт Левис, Вашингтон, кадешто работел на одржување на хеликоптерите „Црни јастреби“.

Во 2012-та година кога ја напуштил армијата, наоѓањето работа било многу тешко.

„Како ветерани, ние не бараме подароци. Ни треба шанса, а ретко кој ни ја дава“, вели Пелинг.

Тој е ветеран од Втората заливска војна -служел во армијата по септември 2001-ва година. Такви како него денес има вкупно 3,2 милиони според податоците на Бирото за труд.

Американската култура ја слави и цени службата на ветераните но, се` уште 7,2 милиони од нив се невработени.

„Беше многу обехрабрувачки, како да е готово со мене, како да сум го отслужил своето, а имав уште сили и способност да допринесувам во светот. Имаше периоди кога се чувствував заглавен“, вели Пелинг за периодот кога ја напуштил Армијата и бил во потрага по работа.

Тој додава дека вештините кои ги стекнал во Форт Луис на некој начин биле стигматизирани во цивилниот свет. Работодавците, често сметале дека ветераните поминуваат низ пост-треуматски стрес период и дека она што го научиле во армијата не може да се примени на работните места кои тие ги нуделе.

Во 2015-та година, по совет на мајка му, и самата ветеранка од воената морнарица, брзо пребарување на Гугл му го променило животот. Ја нашол непрофитната НС2 служба, лоцирана во Вирџинија, која имала програма за обука на ветераните да управуваат со база на податоци - индустрија која има многу побарувања за работна сила.

Програмата била бесплатна. Ветераните добиваат месечна стипендија, а патните трошоци и престојот исто така биле покриени.

„Можат да дојдат тука без речиси ништо и искрено, неколкумина така и дојдоа“ вели пензионираниот Вицеадмирал Џо Кернан, кој е одговорен за тримесечната обука со десет часа на ден.

До сега, НС2 сервисот, промени многу животи. Програмата за управување со база на податоци има 100 процентен степен на завршување и вработување. Почетна плата може да биде и 60,000 долари годишно.

„Им треба иднина, треба да можат да се грижат за своето семејство, да развијат самодоверба“, вели Кернан.

Самодовербата на Пелинг му се врати. Сега работи во службата за Национална безбедност.

„Не можев да верувам дека ми се случи оваа промена, неверојатно патешествие. Сега знам во кој правец се движам. Имам надеж за добра иднина“ вели тој.

XS
SM
MD
LG