Линкови за пристапност

Венко Филипче е нов претседател на СДСМ


Новиот претседател најави реорганизација, реформи и промени во партијата за да се врати довербата од граѓаните. Најави дека СДСМ ќе излезе посилна и ќе биде коректор на власта и силна опозиција. Противкандидатите со забелешки за изборниот процес и нискиот одзив

СКОПЈЕ – Венко Филипче со убедливо мнозинство на освоени гласови победи на денешните внатрепартиски избори и е новиот претседател на најголемата опозициска партија СДСМ. Од седиштето на партијата порача дека нема да ја изневери довербата на сопартијците и граѓаните и дека како претседател ќе се води по принципите по кои функционирал досега.

„Од се срце се заблагодарувам на довербата и секој даден глас. Ќе направам се да не ја изневерам вашата доверба и да работам онака како што ветив и се обврза. Оваа победа за мене претставува огромна одговорност кон членовите на СДСМ, граѓаните и државата. Вечерва во СДСМ победи професионализмот, емпатијата, грижата за луѓето како мои основни вредности по кои ќе работи СДСМ. Моја цел е да ги вбризгам во СДСМ принципите кои ме водат во мојот приватен и професионален живот, заедништво, другарство заемна почит и отворена комуникација“, рече Филипче во првото обраќање како претседател на партијата.

Најави реформи и реорганизација во СДСМ и промени кои граѓаните ќе ги познаат и со тоа ќе ја вратат довербата. Очекува партијата повторно да биде силна опозиција и коректор на власта во заштита на граѓаните.

СДСМ бил и ќе биде гласот на разумот кога волјата на граѓаните е погазена
Венко Филипче

„Сега е време за обнова на СДСМ и многу работа. Нема време за славење. Следи период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања со кои сум сигурен дека СДСМ повторно ќе победува. Нема да биде ниту брзо ниту лесно. Знам дека нема начин да ја вратиме довербата освен ако не направиме вистински темелни промени. Наше е да обезбедиме сигурна иднина за нашите млади и идните поколенија. Без силна СДСМ тоа нема да биде можно. Како претседател ветувам дека нема да дела туку ќе обединувам, ветувам дека силно ќе се спротивставам на сите кои да ја ослабат партијата на сметка на личниот интерес. Ветувам дека ќе го слушнам секој член и ќе му дадам глас. Многумина сакаат да ја видат СДСМ клекната и поразена и се надеваа дека партијата нема да опстане и се ситеа на изборниот пораз. Ветувам дека ќе бидеме силна опозиција ќе се бориме со сите сили да ги спречиме лошите политики на власта и ќе биде коректив во општеството. СДСМ бил и ќе биде гласот на разумот кога волјата на граѓаните е погазена или се прават штети на државата“, порача Филипче

Според обработени 95 проценти од материјалот во 77-те избирачки места, Филипче освои 9.052 гласа, за Јован Деспотовски гласале 2.705 гласачи, додека пак Александар Бајдевски освоил 905 гласови. За Славјанка Петровска која вчера се повлече од изборите гласале 190 гласови, додека неважечки се 174 гласови.

Александар Бајдевски
Александар Бајдевски

Претседателскиот кандидат Александар Бајдевски реагираше на малата излезност и порача дека тоа е поради немањето отчетен Конгрес и избрзаниот како што рече изборен процес.

Кандидатот за претседател Јован Деспотовски со забелешки за текот на процесот на гласање и со тврдења дека на илјадници членови на СДСМ кои уредно се регистрирале не им било овозможено да гласаат. Тој најави дека ќе поднесе приговори до Централната изборна комисија (ЦИК) и воедно им се заблагодари на сопартијците кои излегоа да гласаат.

Јован Деспотовски
Јован Деспотовски

„Од срце им благодарам на сите членови на партијата кои излегоа да гласаат, како и на сите оние кои излегоа, дојдоа на избирачките места, но од различни причини не им беше овозможено да гласаат. Како ни се случи над 10.000 наши членови кои се регистрирале за гласање односно изразиле инцијатива да учествуваат во изборниот процесот не можеа односно не го остварија своето право на глас денес? Како ни се случи на голем број на наши членови кои беа уредно регистрирани и дојдоа на избирачките места да не им е овозможено правото на глас? На овие две клучни прашања, но и на останатите забелешки кои дојдоа од мрежата контролори низ цела држава, нашиот тим веќе утре ќе поднесе приговори. СДСМ мора многу сериозно да се позанимава и да одговори на овие прашања пред воопшто да се дефинира став во врска со овие избори“, стои во писменото соопштение на Деспотовски.

Претседателката на ЦИК, Викторија Аврамовска – Мадиќ, кажа изборите биле кредибилни и демократски.

„Вечерва СДСМ доби нов претседател. Во фер и демократска процедура на внатрепартиски избори социјалдемократите го избраа Венко Филипче за претседател на СДСМ“, рече Аврамовска – Мадиќ.

Според официјалните партиски информации од регистрираните 23.600 гласачи на денешните избори своето право на глас го оствариле 12.608 членови и излезноста е 54 проценти.

XS
SM
MD
LG