Министерството за финансии на САД воведе санкции врз четворица актуелни или поранешни претставници на Венецуела поврзани со корупција или репресија во земајата.
Секретарот за финансии Стив Мнучин изјави: „Претседателот Мадуро и неговиот внатрешен круг, продолжуваат да ги ставаат своите интереси над оние на венецуелскиот народ. Оваа акција ја нагласува решеноста на САД да го држат одговорен Мадуро и другите вклучени во корупцијата во Венецуела“.
Според Министерството за финансии, санкциите се наменети за високи воени претставници.
Во соопштението се додава: „Корупцијата и репресијата продолжуваат да цветаат под режимот на Мадуро. Тековните, како и поранешните владини функционери продолжуваат да имаат корист од корумпираниот систем, дури и кога граѓаните на Венецуела, економијата и уставно зацврстените демократски институции страдаат поради тоа“.
Имотите на четворицата функционери кои се предмет на јурисдикција на САД се замрзнати, а според Министерството за финансии, на државјаните на САД „обично“ им е забрането да раководат со нив.
Станува збор за лицата: Родолфо Клементе Марко Торес, гувернер на државата Арагуа; Франциско Хозе Рангел Гомез, поранешен гувернер на државата Боливар; Фабио Енрике Заварсе Пабон, генерал за дивизија на Боливарската национална гарда; и Херардо Хозе Исквиердо Торес, генерал-мајор на армијата.
Facebook Forum