Линкови за пристапност

Европските земји бараат претседателски избори во Венецуела


Дел од европските земји го признаа опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела

Велика Британија, заедно со Шпанија, Франција, Шведска и Данска го признаа опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела.

Европските земји бараат во Венецуела што поскоро да се одржат претседателски избори за да се разреши политичката и хуманитарната криза.

Британскиот министер за надворешни работи, Џереми Хант, во порака на Твитер напиша: „Николас Мадуро не распиша претседателски избори во рокот од осум дена, што го поставивме. Затоа Велика Британија, заедно со европските сојузници, сега го признава @ jguaido како привремен уставен претседател додека не се одржат веродостојни избори. Се надеваме дека со ова сме поблиску до ставање крај на хуманитарната криза.“

Шпанскиот премиер Педро Санчез во Мадрид рече: „работиме на враќање на целосната демократија во Венецуела“.

Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, за Франс Интер изјави дека „кризата во Венецуела“ ќе заврши „мирно“ со предвремени претседателски избори.

Мадуро не дојде на функција по пат на „слободни и фер избори“, изјави шведскиот министер за надворешни работи, Маргот Волстром, за шведскиот телевизиски оператор СВТ.

Данскиот министер за надворешни работи, Андерс Самуелсен, напиша на Твитер: „Данска го признава претседателот на националното собрание @jguaido како привремен претседател на # Венецуела сé додека не се одржат нови слободни и демократски избори“.

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Димитри Песков, ги оцени европските декларации како „обид да се легитимизира узурпацијата на власта“ и „мешање во внатрешните работи на Венецуела“.

Мадуро на шпанската телевизиска програма Салвадос, во неделата изјави: „Не прифаќаме ултиматуми од никого. Тоа е како да порачам до Европската унија: „Ви давам седум дена да ја признаете Каталонија, во спротивно ќе преземеме мерки“. Меѓународната политика не може да се заснова на ултиматуми. Тоа беше во ерата на империите и колониите“.

Тој, исто така, го повика американскиот претседател Доналд Трамп да се воздржи од поддршка на Гуаидо, порачувајќи: „Правите грешка која ќе ги извалка вашите раце со крв.“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG