СКОПЈЕ – Екс директорот на Клиниката за Онкологија, доктор Никола Васев, пред пратениците членови на собраниската Анкетна Комисија изјави дека не чувствува одговорност, редовно ги известувал надлежните во министерството за состојбата со лекови но и за тоа дека КАТО системот не е во функција. Васев потврди дека еднаш набавил цитостатици на своја рака бидејќи состојбата била алармантна и нагласи дека освен двете кражби на лекови од Клиничката амбуланта, нема информации дека има манипулации со цитостатската терапија или пак дека се препродавале на црниот пазар.
Најголем дел од пратеничките прашања адресирани во Васев се однесуваа на наодите од ревизорскиот извештај, начинот на набавка на терапијата, протоколите и уделот во вкупната количина на купена терапија од веледрогеријата „Пановски“.
„Кој ви даде согласност или насока за да креирате ваков хаос на клиниката за онкологија’, праша Рашела Мизрахи, претседател на Анкетната комисија.
Васев пак одговори дека никогаш немал намера да креира хаос и нагласи дека како пропуст во своето работење смета дека е отсуството на Стручен колегиум за одредување на терапија на пациентите на Клиниката.
„Стручниот колегиум веќе десет години во нашата институција не се одржува. Мора да признам дека е неуспех што не успеав да ги соберам колегите на едно место барем еднаш недела заедно да седат. Тој се одржува секогаш кога треба да се прават листите на лекови“, изјави Васев и нагласи дека ниту еден пациент не бил вратен и дека на сите на кои им било потребно според постоечките протоколи им била препишана биолошка терапија.
„Како се одвиваше постапката за земање лекови на реверс? Свесен ли сте дека е против законски и против начелата на конкуренција и прави монопол при формирање на цената на лековите? Како постапувавте кога немаше терапија за сите пациенти“, беа прашањата на пратеникот Љупчо Пренџов.
Набавувањето на лекови на реверс Васев ги правдаше со недостаток на лекови за пациентите кои веќе почнале да ја примаат терапијата.
„Буџетот не е оштетен, сумите се одземени од Буџетот за набавка за таа година. Правно, апсолутно се слагам дека не треба но самата суштина на реверсот треба правно да се ограничи. Главна намена на реверсот беше да не се прекине биолошката терапија која почнале да ја примаат пациентите. Ние не смеевме да го загрозиме животот на пациентите кои почнале да ја примаат терапијата. Тие лекови беа живот за нив. Купувавме лекови не столици или градежен материјал“, одговори Васев.
На прашањата за набавките од веледрогеријата „Пановски“, Васев одговори дека во времето кога тој ја раководел Клиниката 42 отсто од лековите биле набавени од тој оператор додека сега тој процент е околу 70 отсто.
Одговарајќи на прашања зошто КАТО системот не е во функција, Васев објасни дека софтверскиот систем доцнел и не бил компатибилен и за тоа знаеле во министерството за здравство. Околу тврдењата дека починати пациенти се воделе на список за терапија тој кажа дека имало само еден таков случај и дека станува збор за пациент со исто име и презиме кој подоцна бил избришан од системот.