Линкови за пристапност

„Вардар“ е европски шампион во ракомет!


Со победата 24:23 над еден од најбогатите тимови во Европа, францускиот „Пари Сен Жермен“, „вардарци“ го повторија успехот на женскиот тим на „Кометал – Ѓорче Петров“, чии ракометарки пред петнаесеттина години беа на врвот на ракометна Европа. И, тоа според сите денешни медиумски оценки на натпреварот, сосема заслужено.

Десетина години, и покрај и понатаму неприкосновениот фудбал, ракометот е, барем медиумски, спорт „бр. 1“ во Македонија. Особено по успесите на машката и на женската екипа на РК „Вардар“ чиј сопственик е рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, чиј бизнис е поврзан со обложувалници и хотелиерство.

Откако по најуспешната сезона во клупската историја и освоените титули во македонското првенство и Купот, и во Источноевропската ракометна лига (СЕХА), во полуфиналето на „фајнал фор“ викендот во Келн, „Вардар“ во саботата, во крајно неизвесен натпревар го совлада „дримтимот“ на „Барселона“, деветкратен европски шампион, со 26:25, првите коментари на известувачите беа дека мултинационалните ракометари на скопскиот тим, кои првпат учествуваа на самата завршница на лигата на европските шампиони во ракомет, го достигнале својот максимум. Зашто, иако, „Вардар“ во четвртфиналето го победи и германскиот шампион „Фленсбург“, исто така, европски ексшампион, сепак, оценките беа дека богатиот тим на „Пари Сен Жермен“ е пресилен противник за дебитантот од Македонија.

Но, во синоќешната крајно возбудлива завршница, екипата предводена од шпански тренер, а составена од по тројца шпански, српски и хрватски репрезентативци, тројца руски репрезентативци, и по еден македонски, црногорски, бразилски и еден поранешен југословенски и шпански репрезентативец, се чини, се надмина себеси, и успеа да ја освои ракометна Европа.

Веднаш по завршетокот на натпреварот, додека ракометарите во Келн го креваа пехарот, на улиците на Скопје стотици автомобили со сирени и знамиња, ја прославуваа титулата, а на главниот градски плоштад се слеаја илјадници граѓанки, не само вљубеници во спортот и ракометот, кои до доцна во ноќта го пролавуваа големиот успех, со песни за „Вардар„ и за реката по која е именуван клубот кој постои 45 години. „Вардар“ го имаше и МВП играчот на „Фајнал фор“, голманот Арпад Штербик, покрај кого, во „идеалниот тим“ на завршниот турнир беа уште тројца негови соиграчи.

За жал, иако победата и титулата на „Вардар“ на свој начин, екстатично ја прославија и водителите на директните преноси од натпреварот во целиот регион (покрај македонските, и словенечките, српските и хрватските коментатори), во центарот на Скопје, ноќта дошло до судир на две навивачки групи составени од етнички Македонци и етнички Албанци, во кои имало и повредени лица. Околу полноќ, во еуфоријата на прославувањето, деветмина припадници на Посебната единица на полицијата биле повредени, откако на нивното возило во полицискиот конвој, налетало патничко возило.

XS
SM
MD
LG