Линкови за пристапност

Валандово: Прв неуспешен референдум против изградбата на рудници во земјоделските региони


Според првичните и неофицијални резултатати, референдумот во Валандово во неделата не успеа, затоа што на 24-те гласачки места, излегле само 4.680 граѓани или 46,11 проценти од 10.141 граѓанин кои имаа право на глас, односно помалку од неопходните 5.070 граѓани, за исполување на законскиот минимум од 50 проценти плус еден.

Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ доцна во ноќта меѓу неделата и понеделникот, одржа прес-конференција на која, како главни причини за недоволната излезност и неуспешноста на референдумот ги наведе притисоците врз граѓаните од општинските власти, кои не ја исполниле законската обврска за информирање на населението, како и влијанијата на странскиот инвеститор на рудникот, поради кои не му била ни дадена шанса на демократското изјаснување на жителите на граѓаните.

Иако изминатите месеци, активистите кои го обвинуваа градоначалникот за опструкции и неинформирање на граѓаните, организираа десетина трибини и дебати со месното население, и иако испратија и повик за солидарност и поддршка до сограѓаните, во кој беа децидни дека „нашата заедница е во историска борба! Во Валандовско, по првпат имаме организиран отпор кон рудник со отворен коп (рударскиот комплекс Казандол) и развој на нашето земјоделско поднебје со Г1 тешка и загадувачка индустрија“, резултатите сепак, изостанаа.

Според иницијативата „Спас за Валандово“, „тешката и загадувачка индустрија ни се заканува со загадување на нашите земјишта, нашата питка вода, како и водата за наводнување, нашиот воздух, нашите земјоделски производи, нашата економска егзистенција – накратко, животот каков што го познаваме“, но валандовчани, сепак, не излегоа во доволен број на референдумот.

Еден од активистите од Валандово, Роберт Марков, потенцираше во изјавата за медиумите дека „референдумот против рудниците на смртта“ во Валандово „бил сè, само не и демократско изјаснување на граѓаните, поради притисоците од локалната власт и поради влијанието на инвеститорот – украинската компанија ‘Сардич’ и на украинската амбасада“.

На иницијаторите од „Спас за Валандово“ (“SOS Valandovo”) им недостасуваа околу 460 гласови за референдумот да биде прогласен за успешен, како претходните референдуми, во кои жителите на Гевгелија, Богданци и на Дојран се изјаснија против продолжување на работата на рудникот„Казандол“ и против отворање на нови рудници.

Утре, во рамките на на посетата на трочлената делегација од Европските зелени, предводена од копретседателот и европратеник Рајнхард Бутикофер, партијата Демократска обнова на Македонија ќе организира меѓународна конференција на тема „Искуството на европските ‘Зелени’ во борбата против загадувањето од рудниците“, на која ќе се изнесат и нови аргументи против отворањето на рудници во југоисточниот дел од Македонија.

Во акциите против отворањето на рудници, се приклучи и граѓанската иницијатива „Спас за Козјачија“ од Кумановско, која започна со акции за информирање и едукација на населението за последиците од отворање на рудници за злато на територијата на Општина Старо Нагоричане. „Доколку концесијата за експлоатација на руда биде одобрена, по течението на реката Петрошница ќе се отвори огромен рудник за злато и бакар. Таквиот тип на индуструја спаѓа во Г1 – тешка и загадувачка индустрија, а експлоатација на рудата за овие благородни метали, претставува еден од најголемите загадувачи на природата“, реагираа и од граѓанската инцијатива „Спас за Козјачија”.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG