Гоце Цветковски од Охрид е еден од родителите во Македонија кои се залагаат за ревидирање на политиката на задолжително вакцинирање на децата додека не се провери валидноста на вакцините. Тој се приклучил на оваа група откако неговата ќерка по неколку вакцини примени во првата година, добила промени на кожата, кои и денес, кога девојчето има пет години, не се излекувани. Цветковски е убеден дека вакцините се причина за здравствените проблеми кај неговата ќерка. Неговото но, и искуствата на другите, го натерале да го прекине вакцинирањето на децата.
„Потрошивме многу пари и ништо не помага. Тоа се случи веднаш после вакцината, бидејки претходно немаше таква состојба. Во Охрид познавам уште пет родители чии што деца имаат проблеми после вакцинирањето со новите шествалентни вакцини,“ вели Гоце Цветковски.
Но, таквиот став може да доведе до други проблеми. Вакцинирањето е задолжително во Македонија и со тоа е условено запишувањето во училиште. Цветковски има одговор и за тоа, ако е принуден на вакцинација, тој е подготвен да го иссели семејството. Тој не ја исклучува и можноста да ја тужи државата пред судот за човекови права во Стразбур.
„Македонија веќе има изгубено неколку случаи во Стразбур поради негативни последователни ефекти после вакцинација“, додава тој.
Но, другите родители велат дека редовно ги вакцинираат своите деца и оти од тоа нема да отстапат.
„На вакцина редовно одиме. Се крена многу врева околу вакцините, но мораш да ги примаш, бидејќи има казни“, вели еден родител од Охрид.
„Според моето искуство, бидејки имам и осумгодишен син, вакциназацијата е многу важна за да се спречат некои други болести и епидемии“, вели друг родител.
Лекарите велат дека вакцинацијата е една од најефикасните мерки за спречување на заразни болести. Според нив негативниот став по однос на ова прашање е резултат на антивакциналните кампањи како и многуте негативни информации кои се појавија по социјалните мрежи.
Во Охрид застапеноста на вакцинацијата е на задоволително ниво. Пониски резултати велат има само за „ХПВ вакцината“ која се дава на 12 годишните девојчиња, со цел заштита од рак на грло на матката.
„Сметам дека тоа се должи на недоволната информираност на населението за бенефитите од оваа вакцина. Замислете во 21-от век да ни се повтори сценариото од средниот век за одредена болест за која мислиме дека е искоренета, а за која постои ефикасна здравствена заштита“, вели раководителката на службата за вакцинација во Охрид, Соња Мариноска.
Мариноска вели дека константно се разговарало со родителите, а во текот на неделата на имунизација спроведувале и теренски активности, особено помеѓу ромската популација, која е најзагрозена поради честата промена на местото на живеење.
Во меѓувреме Министерот за здравство најави воведување квалитетни и модерни вакцини.
Но, некои родители бараат повеќе. Државата според нив, треба да излезе со статистика за процентот на негативни ефекти и покрај тоа што се` уште нема научни докази дека одредени вакцини предизвикуваат болести.
Facebook Forum