Линкови за пристапност

Една четвртина од Американците немаат интерес за вакцина против коронавирус


Триесет и шест отсто од граѓаните се изјасниле дека тие можеби не би примиле вакцина ако претседателот Трамп рече дека е безбедна, открива анкета на Ројтерс

Една четвртина од Американците имаат мал интерес или воопшто немаат, за примање на вакцина против коронавирус, покажува анкета на Ројтерс и Ипсос.

Анкетата открива дека дел од испитаниците изразиле загриженост оти темпото со кое се одвива откривањето на вакцината, би можело да ја загрози безбедноста на граѓаните.

Додека здравствените експерти велат дека е потребна вакцина за да се спречи ширењето на вирусот, како и животот да се врати во нормала, истражувањето открива потенцијален проблем со доверба во администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која веќе се критикува за контрадикторност околу препораките за време на пандемијата.

Триесет и шест отсто од граѓаните се изјасниле дека тие можеби не би примиле вакцина ако претседателот Трамп рече дека таа е безбедна, во споредба со 14 проценти, кои би биле повеќе заинтересирани.

Повеќето од учесниците во анкетата, спроведена меѓу 13 и 19 мај, и која опфаќа 4.428 возрасни лица во САД, велат дека тие би биле под влијание на препораките од Администрацијата за храна и лекови, или од резултатите на научни истражувања, кога ќе покажат дека вакцината е безбедна.

Помалку од две третини од испитаниците, пак, одговориле дека се многу или на некој начин заинтересирани за вакцина, и покрај фактот што во САД има повеќе од 92.000 смртни случаи како последица на КОВИД-19.

Четиринаесет проценти одговориле дека воопшто не се заинтересирани за вакцина, додека десет отсто кажале дека не се многу заинтересирани, открива анкетата.

Други 11 проценти се изјасниле дека не се сигурни.

Трамп рече дека вакцината се очекува да биде готова до крајот на годината, иако обично се потребни 10 години или повеќе, за тие да се развијат и тестираат за безбедност и ефективност.

Многу експерти веруваат дека целосно тестирана вакцина, која ќе биде одобрена од Владата, нема да биде широко достапна најрано до средината на 2021 година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG