Линкови за пристапност

УЈП: Спречена измама со која би се испумпале 178 милиони денари од Буџетот


Станува збор за три компании за нафта и нафтени деривати и петмина добавувачи кои преку лажни фактури сакале да наплатат од Буџетот 2,5 милиони евра за поврат на ДДВ и 300 илјади евра за Данок на личен доход. Криминалната шема ја организирале двајца сопственици од кои едниот го сменил идентитетот

СКОПЈЕ –Две лица кои биле сопственици на три компании од кумановско липковскиот регион кои биле регистрирани за трговија со нафта и нафтени деривати на големо и мало со фиктивни фактури сакале да испумпаат од Буџетот 2,6 милиони евра по основ на поврат на ДДВ и Данок на личен доход но нивниот план пропаднал откако почнала истрагата на инспекторите од УЈП. За да ги сокријат трагите тие ја смениле сопственичката структура и како сопственици назначиле државјанка на Хрватска и државјанин на Косово. Сите биле регистрирани како трговци со нафта и нафтени деривати, а за тоа немале лиценца, бензински пумпи, ниту пак складишта за чување, само лажни фактури дека купувале нафта и нафтени деривати. Трите компании ги водело исто сметководствено биро. Еден од осомничените пак го сменил и презимето.

„ Се работи за даночни обврзници кои од своето основање се регистрирани за вршење дејност трговија со нафта и нафтени деривати на големо и мало. Заеднички е што во одреден критичен момент извршиле промена на сопственичката и управувачката структура со што како нов основач сопственик и управител се јавуваат странски државјани. Станува збор за посебни три фирми и вкупно пет добавувачи. Битно е да се информира дека кај првиот и кај третиот случај односно фирма, првичен сопственик и управител било едно исто лице кое во 2023 година го сменило презимето од негови фамилијарни причини, и потоа назначил странски државјанин како оснивач и управител. Трите фирми не поседуваат лиценца за трговија со нафта и нафтени деривати од Регулаторната комисија, немаат бензинска пумпа и складиште да ја чуваат нафтата“, соопшти Сања Лукаревска, директор на УЈП.

Според досегашните докази кои ги прибавиле инспекторите до УЈП, првата фирма до лажни фактури сакала од Буџетот да наплати по основ на ДДВ над 79 милиони денари, втората 26 милиони денари а третата околу 54 милиони денари.

„Констатираните состојби и собрани докази од извршените контроли се доставени до истражните органи на постапување. УЈП има доставено писмена пријава со докази до Јавното обвинителство и МВР на 15 ноември 2023 година а истовремено имаме и до Управата за финансиска полиција доставено писмена пријава со докази на 1 декември 20203 година. Нема штета на Буџетот заради нашата навремена интервенција“, појасни Лукаревска.

Истрагата на УЈП била отворена во 2020 година и траела речиси три години.

XS
SM
MD
LG