СКОПЈЕ – Законот за забрана на нефер трговски практики кончено е усвоен во Собранието откако на денешната 148 седница доби 82 гласа „ЗА“. Со овој закон треба да се стави ред во цените на овошјето зеленчукот и прехранбените производи и да се спречи самоволието на трговците и добавувачите. Сепак на првите ефекти од овој закон граѓаните ќе мора да причекаат неколку месеци бидејќи добавувачите мора да се усогласат со одредбите а во меѓувреме и министерството за економија да ја објави листата на продукти.
„Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика. За непочитување на законските одредби засега во предлог решението се предвидени глоби до 20 000 евра“, соопштија до министерството за економија кое е предлагач на законот.
Законот предвидува дека отсега трговците веќе нема да можат да наплаќаат на добавувачите за внесување нов производ на пазарот, за преуредување на продавниците или за отворање нови, да ги условуваат со компензација или да им забранат да им продаваат земјоделски и прехранбени производи на други продавачи по пониска цена.
Министерството за економија најдоцна до средината на јуни мора да ги објави сите 2.500 продукти кои ќе бидат опфатени со овој закон а трговците односно добавувачите имаат рок до средината на септември да се усогласат со одредбите во законот.
„Добавувачите и купувачите кои склучиле договори за снабдување на земјоделски и прехранбени производи до денот на влегувањето во сила на овој закон, се должни да се усогласат со одредбите од овој закон, во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон. Листата на земјоделски и прехранбени производи од членот 5 од овој закон, ќе се донесе во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон“, стои во преодните одредби на законот.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека е создаден ред со цените на прехранбените производи откако на 1 март истече владината мерка „гарантирана цена“ бидејќи дел од компаниите најавија дека ќе ги задржат гарантираните цени до 15 мај годинава. Нагласи дека системско решение кое ќе ги заштити граѓаните е токму Законот за забрана на нефер трговски практики што денеска е на пленарна седница во Собранието.
„Очекувам веќе да е воведен ред. Првите реакции на стопанствениците минатата недела беа навистина позитивни, за охрабрување и рекоа заради тоа што сакаат да бидат општествено одговорни ќе ги задржат истите замрзнати цени до 15 мај. Тоа се неколку компании и тоа е охрабрување дека сепак наспроти сè што се случуваше во изминатиот период кога нема нарушување на вредносниот ланец, ланецот на набавка дека стопанствениците знаат да бидат општествено одговорни и да не прават притисок кон крајните корисници. Секако, законот е системско решение, решение кое што сме го немале и го немале никаде во Европа“, изјави вицепремиерот Битиќи.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски, најави дека инспекциите ќе продолжат и ќе ги следат особено цените на дел од млечните производи кои во изминатите десетина дена варираа. Тој исто така ги поздрави компаниите кои се одзваа на апелот на ДПИ да ги задржат гарантираните цени и по истекот на мерката.
„Секој оној кој што ќе се обиде ако мисли дека може за овие изминати месеци за тоа што го загубил од калкулираното, а не се во загуба да речеме дека ќе го врати сега по завршување на одлуките, не. Ке си има сериозни контроли и тоа нема да го дозволиме“, изјави Трајковски.
ДПИ веќе казни два маркети еден во Битола и еден во Скопје, со глоба од седум до десет илјади евра и забрана за работа во траење од седум до петнаесет дена, бидејќи на ден пред истекот на владината мерка ги повлекле гарантираните цени.