Линкови за пристапност

Уставните судии не избраа нов претседател


Две судијки се во битката за тронот на Уставниот суд и наследник на Кацарска. Потребни се шест од деветте гласа на уставните судии. Четири обиди за избор неуспешни – гласањето продолжува утре. „Постапката за избор се повторува се додека не се избере претседател на Уставен суд“, велат од судот.

СКОПЈЕ – И по четирите обиди за избор денеска немаше „бел чад“ од оџакот на Уставен суд. Две судијки остануваат во игра за наследник на Добрила Кацарска и тригодишен мандат без право на реизбор. Станува збор за Татјана Васиќ - Бозаџиева и Ана Павлова Данева.

Гласањето за избор на нов претседател на Уставниот суд продолжува утре во 10 часот.

„Согласно Деловникот, постапката за избор се повторува се додека не се избере претседател на Уставен суд“, велат од судот.

За да се избере нов претседател на Уставниот суд потребно е еден од кандидатите да ги добие гласовите од најмалку шест од деветте уставни судии.

„Уставниот суд на седница избира претседател на Уставниот суд од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање. Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии, избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува“, стои во соопштението од Уставен суд.

На денешната седница која беше затворена за јавноста во сите четири обиди за избор резултатот бил ист пет гласа за Татјана Васиќ Бозаџиева а четири за Ана Павловска Данева. Според извори од судот Татјана Васиќ - Бозаџиева во два круг била предложена од судијката Елизабета Дуковска а во два од судијата Фатмир Скендер . Павловска Данева била предложена од колешката Јадранка Дабовиќ Анастасовска.

Според деловникот постапката ќе се повторува додека не се избере претседател а тоа треба да заврши пред да и истече мандатот на актуелната претседателка Добрила Кацарска во недела 2 јуни затоа што во Уставниот суд нема заменик претседател ниту можност за вршител на должност.

Ана Павловска Данева е професор по административно право на правниот факултет Јустинијан Први. Од 2011 до 2104 беше пратеник од редовите на СДСМ а во нејзината кариера беше и шеф на македонската делегација во Греко. Татјана Васиќ - Бозаџиева беше државен советник во министерството за здравство во време на мандатите на министрите Никола Тодоров и Венко Филипче, како и во министерството за правда кога тој ресор го водеше министерката Рената Дескоска. Нејзиниот избор за уставен судија беше одбележан со многу критики за искуството наведено во биографијата од опозицијата во Собранието.

XS
SM
MD
LG