Линкови за пристапност

Желба за промени - за подобро утре на секој поединец во Македонија


„Инклузијата не е луксуз, туку таа произлегува од правото на секој поединец за еднакви можности

Преку различни проекти, во партнерство со македонските граѓани, институции, здруженија и организации, низ разни сегменти од општественото живеење, УСАИД во изминатите 25 години посветено работи за подобрување на квалитетот на живот во Македонија. Во рамки на проектите за создавање на еднакви можности и на еднаков пристап до образование и вработување за маргинализираните категории на граѓани, Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД, континуирано работи на зајакнување и подигнување на општествената свест за инклузија на лицата со попреченост во сите сфери од општественото живеење.

Во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик, проект менаџерката на проектот „Социјална инклузија преку технологија“, м-р Марија Арменски, вели дека, согласно нивното искуство, „имаме уште многу работа на полето на инклузијата на лицата со попреченост. Но, мојот став е и дека треба самите да се избориме за своите права. Преку позитивни примери од најразлични проекти и примери, како што е впрочем, и нашиот проект, да покажеме дека сме подготвени и за следните чекори во овој процес и дека сме подготвени да ги прифатиме промените кои ќе значат подобро утре за секој поединец во државата. Се надевам, дека ќе има уште многу слични иницијативи и од УСАИД и од други донатори, проследени со голема поддршка од релевантните институции, и позитивни примери со кои ќе го надминеме стигматизирањето на оваа маргинализирана група (лицата со попреченост)“.

Четврт век, УСАИД во соработка со соодветни партнери, граѓански организации, медиуми и надлежни локални и јавни институции во Македонија, им овозможува на лицата со попреченост, да се стекнат со практична работа, но и со можност за вработување во приватниот сектор.

Според Арменски, „Социјална инклузија преку технологија“ е пионерски проект финансиран од УСАИД, кој преку онлајн учење, проследено со менторска поддршка и практична работа во компании, има за цел вклучување на лицата со попреченост во поразвиени сектори, со главен фокус на ИКТ-секторот.

„Како дел од проектот беше развиена целосно пристапна платформа со 20 онлајн курсеви, од кои 10 целосно пристапни за бизнис знаења и вештини, и 10 за ИТ - вештини (мултимедија, почетно програмирање и тестирање на софтвер). Многу важен дел од проектот беше менторската поддршка која имаше за цел, не само да ги воведе учесниците во темите, да им помогне околу начинот на совладување на онлајн обуките, но и да ги мотивира да поминуваат повеќе содржини и успешно да се тестираат на крајот од секоја обука“, изјави Арменски за Гласот на Америка на македонски јазик.

Според неа, организаторите биле изненадени од одзивот за учество во проектот - многу поголем од очекуваниот, иако тоа и била главната поента на онлајн обуките: да се опфатат што е можно повеќе млади луѓе, ширум територијата на Македонија и да им се обезбеди пристап до знаења и содржини кои ќе можат и понатаму но и флексибилно, да ги користат, тогаш кога ќе им биде потребно.

„Имавме над 140 апликации, а одобрени беа вкупно 117 учесници. Условот беше тие што ќе поминат повеќе од шест од обуките за деловни вештини и бизнис знаења, да продолжат со ИКТ обуките, а тие што ќе поминат барем една ИКТ област, да се квалификуваат за практична работа во компании. Околу 30 учесници се квалификуваа за пракса и морам да признам дека ова беше најважниот но истовремено, и најмакотрпниот дел од проектот, бидејќи требаше да се убедат компаниите да ги отворат вратите за лицата со попреченост. Идејата на практичната работа беше не само реално работно искуство за учесниците во проектот, туку и сензибилизирање на компаниите во однос на ова прашање. Се видовме со над 80 компании од Македонија и навистина, сè уште е мал бројот на компаниите што се заинтересирани и навистина имаат еднаков и инклузивен пристап при вработување. Навистина сме среќни што тие петнаесетина компании што активно се вклучија во проектот, покажаа позитивен пример, кој се надевам дека ќе го следат и останатите компании... Сепак, покажавме дека заштитните друштва не се единствениот избор за вработување на лицата со попреченост и дека тие заслужуваат можности да ги покажат нивните знаења и вештини“, ни изјави Арменски.

Таа вели дека како резултат на проектот е формиран и ХабИТ, центар кој моментално е лоциран во организацијата „Отворете ги прозорците“, а кој треба да прерасне во социјално претпријатие,

„Впрочем, ќе претставува место каде што лицата со попреченост ќе можат и во иднина да ги развиваат своите ИКТ вештини, да работат на реални проекти, но уште поважно: ХабИТ ќе нуди услуги и за компаниите, преку нудење на совети за асистивна технологија, до советување и целосни решенија за подобрување на пристапноста на нивните услуги и производи“, рече Арменски.

За реалните достигнувања во поглед на менувањето на свеста на граѓаните на Македонија и на односот кон лицата со попреченост, Арменски вели дека „сликата можеби бавно, но се менува, а достигнувањата се, всушност, базирани на нашата желба за промени“.

„Кога го започнувавме овој проект, кој впрочем е реалност повеќе од 20 години во Скандинавија и во останатите развиени земји, а е прилично непознат концепт за нашиот регион, мислам дека многу од нашите партнери беа скептични“, додаде Арменски.

„Сепак, за првпат, лицата со попреченост имаа можност да учат преку онлајн обуки. Менторството, исто така, беше нова пракса, и за нив, но и за голем дел од менторите кои за првпат менторираа лица со попреченост. И, на крај, ставот на компаниите, односно, нивната мала сензибилизираност за прием на лицата со попреченост во нивните компании. Сметам, согласно резултатите, дека направивме мали но значајни промени, кои верувам дека на долг рок ќе го менуваат ставот на целокупната заедница во однос на ова прашање. Ние сме тие што можеме заеднички да ги менуваме работите и не треба да чекаме некој друг да го направи тоа за нас“, изјави Арменски во разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик.

Според податоците од УСАИД, во соработка со над 360 компании од приватниот сектор, со повеќе од 40 организации кои работат во областа на застапување на правата на лицата со попреченост, со јавни институции и асоцијации, во периодот од 2012-та година до 2016-та, во Македонија се вработени повеќе од 115 лица со попреченост, 12 отвориле сопствен бизнис, повеќе од 70 лица реализирале практична работа во различни компании, во јавни институции и невладини организации, а преку 250 лица од приватниот сектор ги поминале обуките за менторство на лица со попреченост.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG