Линкови за пристапност

Визите за идни сопружници на преиспитување


Терористичките напади во Париз и во Калифорнија го фокусираа вниманието на американските лидери на начинот на кој се добива виза за влез во САД.

Двете масовни убиства, едното во Париз и другото во Калифорнија, го насочија вниманието на американските лидери на два методи според кои на луѓето им се дозволува влез во државата, со цел да се спречат идни терористички напади.

Една цел за реформа е визата К-1 според која добила влез Ташфен Малик и повеќе од 25.000 други луѓе годишно со намера да стапат во брак со американски државјани и да се преселат во САД. Малик беше убиена во престрелка со полицијата минатата недела откако заедно со својот сопруг убија 14 луѓе на празнична забава.

Другата програма за влегување во државата без виза, има широк размер. Дозволува влез во САД на лица од 38 држави, за туризам или бизнис, кои можат да останат во земјата до 90 дена.

Во 2013-та година, што е последната година од која има сеопфатни податоци, 21,2 милиони луѓе влегле во САД со оваа програма, што е околу 39 проценти од сите луѓе кои дошле во земјата на одмор или за бизнис.

Претставничкиот дом неделава ќе гласа за законски предлог за затегнување на програмата. Мерката ќе забрани влез на граѓани или националности од одредени земји кои можат да имаат влез во САД преку оваа програма, без виза, доколку во последните пет години биле во Ирак, Сирија или друга држава од листата на САД.

Секоја од 38-те земји кориснички на оваа програма, може да биде суспендирана доколку не соработува со САД околу споделување на информации за тоа дали патниците претставуваат закана.

Обама во неделата изјави дека наложил ревизија на регулативата за визата К-1.

Малик пораснала во Пакистан но подоцна се преселила во Саудиска Арабија каде што прв пат лично се сретнала со Фарук. Тие претходно стапиле во контакт преку интернет агенција за посредување , според изјавата на адвокатот на семејството на Фарук. Една средба била доволна двојката да се квалификува за апликација за овој вид виза, по што започнал процесот кој трае од шест до дванаесет месеци и вклучува здравствени лични и финансиски проверки.

Дејвид Норт од Центарот за имиграција, организација која се залага за намалување на имиграцијата, минатата недела напиша дека пријавените за овој вид виза ретко се одбивани. Минатата година, вели тој, 304 визи биле добиени за секоја што била одбиена, вели тој.

„Имало странски државјани од Блискиот Исток коишто извршиле или имале намера да извршат убиство во САД, а биле на туристичка, студентска или имигрантска виза, но (во случајот на Малик) ова е прв пат со визата К-1.“

Овие тешки прашања доаѓаат во преден план во време кога администрацијата на Обама прави планови за прифаќање повеќе сириски бегалци. Наредниве недели во Конгресот и на настаните поврзани со претседателската каампања се очекува да има многу предлози за зајакнување на стандардите според кои странци влегуваат во државата.

XS
SM
MD
LG