Линкови за пристапност

Американски весник вели дека САД го шпионирале Израел за време на преговорите со Иран


„Вол стрит џурнал“ тврди дека прислушувањето се случило и покрај зборот на претседателот Обама дека тоа нема да се прави

Американски весник објави дека САД ги шпионирале комуникациите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, иако претседателот Барак Обама пред две години ветил оти ќе се прекине со таквата пракса кога се во прашање пријателските шефови на држави.

„Вол стрит џурнал“ во вторникот објави дека Белата куќа решила тајно да продолжи со прислушување на некои од блиските сојузници, со Нетанјаху на врвот на листата.

Во извештајот се наведува дека за време на преговорите на САД за важниот договор за нуклеарно оружје со Иран, во исто време биле следени комуникациите на Нетанјаху и неговите соработници.

Пресретнувањето на разговорите ја „зголемило недовербата помеѓу двете држави и поставило политичко минско поле дома кога Нетанјаху подоцна ја изнесе својата кампања против нуклеарниот договор во Капитол Хил“ се вели во извештајот.

Весникот објави дека САД целеле на израелските лидери и официјални лица и за време на нивните приватни разговори со законодавци во САД и со американско-еврејските групи.

Извештајот тврди дека претставници на Белата куќа верувале оти прислушуваните информации би можеле да бидат корисни во борба против кампањата на Нетанјаху насочена против нуклеарниот договор со Иран. Израелскиот лидер тврдеше пред Конгресот дека договорот ќе му олесни на Иран да изгради нуклеарно оружје.

Договорот беше потпишан во јули помеѓу Иран и шест светски сили, и има за цел намалување на атомската програма во Иран во замена за укинување на меѓународните санкции врз економијата на земјата.

XS
SM
MD
LG