Линкови за пристапност

Русија ги откажа разговорите со САД по новите санкции


Стејт департментот изрази жалење за ваквиот развој

Руски официјални претставници реагираа на новите санкции од САД со откажување на планираните разговори меѓу рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, и државниот потсекретар Томас Шанон.

Рјабков рече дека „ситуацијата не е погодна за дијалог“.

Американскиот Стејт департмент изрази жалење за откажувањето на разговорите што беа договорени за петок.

„Жалиме што Русија реши против можноста да се разговара за билатералните пречки што ги отежнуваат односите помеѓу САД и Русија“, кажа портпаролката Хедер Науер во писмено соопштение.

Во вторникот, американското Министерство за финансии објави дополнителни санкции за Русија и проруските сепаратисти во источна Украина. Санкциите се насочени кон 38 руски и про-руски поединци и ентитети врзани за тековниот украински конфликт, вклучувајќи и двајца високи руски функционери - заменик министерот за економија Сергеј Назаров и рускиот пратеник Александар Бабаков.

Портпаролот на Кремљ рече дека овој потег не бил конструктивен и рече дека „разни (одмазднички) опции се разгледуваат на експертско ниво“.

Односите помеѓу Русија и САД остануваат напнати. Белата куќа размислува за можна средба помеѓу претседателот Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на маргините од состанокот на Групата 20, што ќе се одржи во јули.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG