Линкови за пристапност

САД со осуда на македонската влада за корупција


Во новиот годишен извештај на американскиот Стејт департмент се обвинува македонската влада за неуспех целосно да го почитува „владеењето на правото“. САД предупредуваат и на „забрзано кршење“ на човековите права во светот.

Најзначајните проблеми со човековите права во Македонија, како што оценува Стејт департментот во вчера објавениот извештај, произлегуваат од високото ниво на корупција и од неуспехот на владата целосно да го почитува владеењето на правото, вклучително и континуираните напори за ограничување на слободата на медиумите, мешање во судството и селективно гонење на сторителите.

„Политичкото мешање, неефикасноста, протекцијата и непотизмот, пролонгираните процеси, кршењето на правото на јавно судење и корупцијата го карактеризираа судскиот систем.

Во текот на минатата година објавувањето неовластено пресретнати комуникации снимени од разузнавачките служби на владата, наводно, откри докази за политичко мешање во работата на јавната администрација и медиумите, како и корупција на високо ниво.

Во септември Собранието едногласно одобри формирање специјално обвинителство за да го испита наводното криминално однесување на владини претставници откриено во скандалот со прислушувањето“, се наведува во Извештајот за човековите права на Стејт департментот.

Гоце Атанасов, Радио Слободна Европа

XS
SM
MD
LG