Линкови за пристапност

Републиканците со добивка на локалните избори во САД


Охајо одби легализирање на марихуаната

Локалните избори во САД, кои се одржаа во вторникот, немаат тежина за изборите во 2016 година кога ќе се избира претседател на државата, но републиканците извојуваа важни победи на ниво на сојузни држави.

Во Кентаки, гласачите по втор пат за 40 години избраа гувернер од редовите на Републиканската партија, откако бизнисменот Мат Бевин ја искористи кампањата против здравствената заштита на претседателот Обама да го порази државниот обвинител Џек Конвеј.

Во сојузната држава Мисисипи, републиканскиот гувернер Фил Брајант лесно доби втор мандат. Само уште Луизијана ќе избира гувернер годинава, а гласањето ќе се одржи на крај на ноември, за смена на републиканецот Боби Џиндал.

Во таа трка демократ е во предност, така да, во 2016 година, од вкупно 50 држави, 31 држава најверојатно ќе има републикански гувернер, 17 гувернери ќе бидат од Демократската партија и еден независен.

На изборите кои се одржуваат во непарна година, одзивот е редовно помал отколку на изборите во парна година, кога сите членови на Претставничкиот дом и една третина од Сенатот повторно се гласаат. Поголемот одзив во 2016-та ќе ги има влијание на државните избори на кои 11 ќе избираат гувернери, меѓу кои и седум држави кои во моментов се предводени од демократи.

Гласачите во вторникот исто така се изјаснија во врска со проблемите кои ги засегаат нивните заедници. Во најголемиот град во Тексас, Хјустон, иницијативата за еднакви права и забрана на дискриминацијата базирана на сексуалната ориентација или полово идентификување, не помина, затоа што околу 60 проценти од гласачите се изјаснија против.

Во Охајо не помина обидот за легализирање на марихуаната за лична и медицинска употреба. Оваа мерка имаше контроверзен услов, кој бараше марихуаната да биде одгледувана само на одредени фарми или од одредени групации, што доведе до мислење дека се креира нефер и непотребен монопол. Против гласаа 64 проценти, а 34 проценти беа за предлогот.

Рекреативната употреба на марихуаната е легална во државите Колорадо, Вашингтон, Орегон и Аљаска, како и во главниот град Вашингтон. Медицинската употреба на марихуаната е легална во речиси половина од американските држави.

Гласачите во Колорадо, во 2012 година изгласаа купувањето на марихуана да биде легално и државата да оданочува за оваа продажба. Но, законот вели, доколку државните приходи се повисоки од очекуваното, тогаш гласачите имаат право да изгласаат дали тие пари државата треба да го задржи или треба да им бидат вратени на потрошувачите. Во вторникот, беше изгласано владата да може да потроши 66 милиони долари, најмногу за инвестирање во училишта, наместо да ги врати парите на даночните обврзници.

Во сојузната држава Вашингтон, гласачите озаконија нова забрана за борба против незаконска трговија на загрозени видови животни. Со оваа мерка е нелегално да се купуваат, продаваат или разменуваат производи направени од делови од тело на слон, носорог, тигар, леопард, чита, мравојад, морска желка, ајкула и секое друго животно што ќе биде идентификувано од страна на Меѓународната организација за конзервација во категоријата загрозен вид.

XS
SM
MD
LG