Линкови за пристапност

Сигнали дека САД и Кина се пред постигнување на трговски договор


Во време кога продолжуваат трговските разговори помеѓу САД и Кина во Вашингтон, има знаци дека ќе биде постигнат договор.

Новинската агенција Ројтерс известува дека трговските претставници од двете страни се обидуваат да ги усогласат деталите за шест поопширни договори со цел разрешување на најтешките прашања како што се трансферот на технологии, државните субвенции и кражбата на корпоративни тајни.

Претходно неделава, претседателот Доналд Трамп изјави дека нема „волшебен датум“ за постигнување на трговски договор, коментар што според некои сугерира дека крајниот рок од 1-ви март пред да бидат покачени царините за производи од двете држави би можел да биде одложен.

Во меѓувреме, виш советник на Комунистичката партија, на форум во Хонг Конг кажа дека очекува Вашингтон и Пекинг да постигнат трговски договор до почетокот на март. Тој исто така кажа дека финансиската директорка на Хуавеу, Менг Ванжоу најверојатно ќе биде ослободена во април или мај.

Според Ројтерс американските и кинеските преговарачи работат на шест пошироки договори, како и на листа на 10 краткорочни мерки.

Сепак аналитичари за Гласот на Америка кажаа дека иако има знаци дека е постигната сеопфатна спогодба, деталите за кој било договор ќе бидат клучни во одредувањето за иднината и успехот на договорот.

XS
SM
MD
LG