Линкови за пристапност

СЗО: 100.000 случаи на коронавирус се пријавуваат секој ден во светот


Властите во Пекинг воведоа карантински мерки во 21 населба за да го спречат натамошно ширење на коронавирусот од кој заболеа 106 луѓе во главниот град на Кина.

Вкупниот број случаи се зголеми денеска, откако официјалните лица потврдија 27 нови инфекции.

Повторното појавување на вирусот во Пекинг, кое за прв пат беше соопштено минатиот четврток, е поврзано со супермаркет за морска храна во југозападната област на градот.

На околу 90.000 жители кои живеат во населбите кои се ставени во карантин им е наредено да останат дома и да вршат редовно тестирање.

Властите во Пекинг исто така забранија жителите на високо-ризичните населби да го напуштаат градот и воведоа забрана за користење на такси услуги.

Случаи на Ковид-19 се пријавени и надвор од главниот град.

Најмалку едно лице е позитивно тестирано на вирусот во провинцијата Сечуан откако патувало со авион од Пекинг, додека соседната провинција Хубеи објави четири нови случаи, од кои три се верува дека се поврзани со појавата на вирусот во Пекинг.

Неколку градови бараат патниците од Пекинг да поминуваат строг период на изолација по пристигнувањето за да се спречи повторување на епидемијата која што започна во централниот кинески град Вухан кон крајот на минатата година, предизвикувајќи пандемија од која досега заболеа над 8 милиони луѓе, меѓу кои и 436.901 смртни случаи.

Во меѓувреме, Нов Зеланд ги објави своите први нови потврдени случаи на КОВИД-19 само неколку дена откако прогласи победа над вирусот. Властите велат дека две жени кои летале од Лондон, се тестирале позитивно, но дури откако им било дозволено да заминат од карантин и да патуваат со автомобил низ целата земја од Оукленд до Велингтон.

Светската здравствена организација (СЗО) вели дека нема место за кое се смета дека е со „нулта ризик“ од коронавирусот.

Шефот на програмата за вонредни состојби на СЗО, д-р Мајкл Рајан, одговараше на прашањa на новинари во понеделникот во Женева во однос на безбедноста на воздушниот сообраќај, бидејќи многу европски земји ги отвораат своите граници за туристи од други држави во ЕУ.

Генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебреизус, предупреди на можно повторно оживување на Ковид-19 во земји каде што се појави пандемијата.

Тедрос рече дека повеќе од 100.000 потврдени случаи на коронавирус се пријавуваат ширум светот секој ден во текот на изминатите две недели и земјите кои го спречиле ширењето на вирусот „мора да бидат предупредени за можноста од повторно оживување на вирусот“. Повеќето од новите случаи се во Америка и Јужна Азија, рече тој.

Меѓу тие јужноазиски нации е и Пакистан, каде експертите велат дека бројот на случаи на коронавирус би можел да се зголеми двојно до крајот на месецот, ако луѓето продолжат да ги игнорираат мерките за социјално растојание и другите мерки на претпазливост.

Во Пакистан се регистрирани 144.478 случаи и 2.729 смртни случаи.

На Американците и Азијците сè уште им е забрането да патуваат во Европската унија (ЕУ) барем уште еден месец, но на многу европски туристи им е дозволено да ги посетуваат соседните држави, иако сè уште се повикуваат да ги почитуваат мерките за претпазливост.

Од патниците што пристигнуваат во Грција веќе не се бара да бидат тестирани за Ковид-19. Но, посетителите во Велика Британија мора да останат во 14 дневен карантин, поради што неколку земји во меѓувреме ќе ги задржат своите граници затворени за Британците.

Во САД, во новиот извештај на Центарот за контрола и превенција на болести се вели дека стапката на смртност од Ковид-19 кај лица со хронични заболувања е 12 пати поголема од другите кои се заразуваат.

Најризични се лицата со срцеви заболувања, дијабетес и болести на белите дробови.

Едно ново истражување на Универзитетот во Чикаго открива дека 11% од Афроамериканците имале близок пријател или член на семејството, кој починал од коронавирусот во споредба со 4% од белците.

Според новите проекции на моделот создаден од Институтот за здравствена метрика и евалуација на Универзитетот во Вашингтон, бројот на смртни случаи од коронавирусот во САД може да достигне 200.000 до октомври.

XS
SM
MD
LG