Линкови за пристапност

Коронавирусот во САД се појавил порано одошто се мислеше


Обдукциите покажуваат дека две лица починале од КОВИД-19 неколку седмици пред првите претходно познати жртви

Две лица во Северна Калифорнија починаа од коронавирусот неколку седмици пред да биде официјално регистриран првиот смртен случај поради вирусот во САД.

САД имаат скоро 850.000 потврдени случаи на KОВИД-19 и околу 47.000 смртни случаи од оваа болест.


Обдукциите покажуваат дека 57-годишна жена, која починала во нејзиниот дом на 6 февруари, и 69-годишен маж, кој починал дома на 17 февруари, имале КОВИД-19.

И двајцата живееле во округот Санта Клара и никој од нив не патувал неколку недели пред нивната смрт.

Првиот претходно познат смртен случај од КОВИД-19 во САД беше регистриран на 26 февруари во Сиетл, Вашингтон.

Информациите дадени од локалните власти помагаат да се објасни колку рано се ширел вирусот во државата.

Здравствените власти велат дека лицето кое починало на почетокот на февруари, најверојатно, се заразило во јануари, кога тестовите беа достапни само за луѓето кои неодамна патувале.

Официјални лица велат дека е многу веројатно дека други луѓе починале од КОВИД-19 претходно, без да бидат дијагностицирани.

САД имаат скоро 850.000 потврдени случаи на KОВИД-19 и околу 47.000 смртни случаи од оваа болест.

Постојат знаци дека бројот на нови случаи опаѓа во некои држави, но дневната бројка на смртни случаи останува голема.

Неколку американски држави веќе започнаа да ги отвораат деловните активности и да ги олеснуваат патните ограничувања, и покрај предупредувањата дека тие активности може да бидат преуранети.

Претседателот на САД, Доналд Трамп во средата во порака на Твитер напиша: „Нашата држава повторно започнува да се отвора за бизнис“.

Подоцна тој го доведе шефот на американските центри за контрола и превенција на болести, Роберт Редфилд, на брифингот во Белата куќа за да го објасни неговото предупредување за втор бран на коронавирусот на зима.

Редфилд во вторникот изјави дека вториот бран епидемија може да биде потежок од првиот. Во средата тој објасни дека мислел „ќе биде потешко бидејќи ќе имаме два вируси кои ќе кружат истовремено“.

Во другите делови на светот, пандемијата е на различни точки од својата траекторија. Светската здравствена организација во средата соопшти дека повеќето земји сè уште се во рана фаза на епидемијата, со „загрижувачки нагорни трендови“ во делови од Африка и централна и Јужна Америка.

Русија имаше скоро 60.000 случаи на КОВИД-19 во средата - зголемување за 10% за еден ден. Повеќето од нив, близу 32.000 се регистрирани во Москва. Досега починале над 500 луѓе.

Претседателот на Русија Владимир Путин го откажа референдумот за уставните амандмани што требаше да се одржи во средата, како и воената парада по повод 75-годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна планирана за 9 мај. Тој работи од официјална резиденција надвор од Москва, каде одржува состаноци преку видео конференциски повик.

Британските здравствени власти соопштија дека Универзитетот во Оксфорд денеска треба да започне со тестирање на вакцина врз луѓе.


Некои европски земји бележат постојан пад на бројот на нови инфекции и хоспитализации, но британските здравствени претставници рекоа дека не гледаат голем пад на новите инфекции. Уште 759 луѓе починале во болница, со што бројот се искачи на 18.100 лица.

Британскиот премиер Борис Џонсон сè уште се опоравува од КОВИД-19.

Британските здравствени власти соопштија дека Универзитетот во Оксфорд денеска треба да започне со тестирање на вакцина врз луѓе. Други држави, вклучително и САД и Русија, исто така, работат на развивање на вакцина.

Германија им нареди на луѓето да носат маски кога се во јавност како заштитна мерка кога ќе се започне со отворање на земјата. Шпанскиот премиер Педро Санчез планира да ги олесни ограничувањата во втората половина на мај.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG