Линкови за пристапност

Студентите во САД кои нема да го регулираат статусот на визата, ќе треба да излезат од државата во рок од 60 дена


Извршната наредба на Трамп за привремено стопирање на имиграцијата не се однесува директно на студентските визи, но, остава простор за ревизија на неимигрантските програми

Одлуката на Владата на САД привремено да го стопира издавањето на дозволи за постојан престој во државата, познати како зелени карти, ги стави во неизвесност меѓународните студенти и нивните идни планови.

Иако оваа извршна наредба не се однесува директно на студентските визи, ја остави отворена опцијата за ревизија на неимигрантските програми во рок од 30 дена од оваа одлука, и би можела да препорача други мерки за стимулирање на американската економија за време на пандемијата.

Студентските визи спаѓаат во категоријата на неимигрантски визи за странски државјани, кои бараат влез во САД на привремена основа.

Атија Азум, студентка на новинарски студии на универзитетот Мериленд, која треба да дипломира во мај, вели дека веќе аплицирала за програмата за волонтерска практична обука, но, стравува оти процесот нема да заврши пред истекот на нејзината виза.

Оваа програма им дозволува на дипломираните студенти од странство да можат легално да живеат и работат во САД уште три години.

Азум, за Гласот на Америка, вели дека иако извршната наредба не се однесува на студентите како неа, сепак придонела за зголемување на анксиозноста.

Одделот за имиграција и државјанство на САД, вели дека ќе почне со работа од четврти јуни, но, оти вработените и сега работеле на обврски кои не вклучуваат лични контакти со граѓаните.

За повеќе од еден месец, Владата на САД забрани издавање на сите неимигрантски визи, летовите се откажани, имиграционите служби затворени, а универзитетите организираат онлајн настава.

Вработените во универзитетите се загрижени поради фактот што никој не може да аплицира за влез во државата, дури и ако се работи за студенти кои веќе се прифатени во американска институција.

Според нив, ваквата извршна наредба ќе има катастрофални последици врз високото образование во државата.

Согласно Законот за имиграција и државјанство на САД, студентите кои нема да бидат во можност да ја одржат нивната виза, имаат рок од 60 дена по истекот на визата да се вратат во нивните држави.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG