Линкови за пристапност

Реакции од цел свет по убиството на тројца студенти - муслимани во Северна Каролина


Од комеморацијата на Универзитетот на Северна Каролина во Чапел Хил
Од комеморацијата на Универзитетот на Северна Каролина во Чапел Хил

Според роднините и пријателите, злосторството е мотивирано од омраза; сопругата на уапсениот негира; полицијата вети темелна истрага

Синоќа во дворот на Универзитетот на Северна Каролина во Чапел Хил се одржа комеморација за тројца студенти, муслимани, чиешто убиство според роднините и пријателите е злосторство мотивирано од омраза.

Илјадници студенти оддадоа почит на неодамна венчаните, 23-годишниот Деа Шади Баракат и 21-годишната Јусор Абу-Салха, како и сестрата на Јусор, 19-годишната Разан Абу-Салха. Нивниот сосед, 46-годишниот Крег Стивен Хикс е обвинет дека ги убил вторникот со огнено оружје пред станбен комплекс во близина на универзитетот. Полицијата верува дека мотивот е спор околу паркинг-место пред комплексот којшто траел веќе подолго време, но таткото на убиените девојки, Мухамед Аби-Салха, синоќа кажа дека верува дека се работи за убиство од омраза. Тој рече дека Хикс неколку пати започнал конфронтација со неговата ќерка и нејзиниот сопруг и дека во тие случаи носел оружје околу појасот.

Од кампањата на Твитер: фотографија на убиените
Од кампањата на Твитер: фотографија на убиените

Кампањата на Твитер во врска со убиствата под хаштагот #MuslimLivesMatter (Муслиманските животи значат) предизвика реакции од цел свет. Многумина се гневни бидејќи сметаат дека трагичниот настан бил игнориран во медиумите затоа што убиените се муслимани. Еден од коментаторите наведува дека „муслиманите влегуваат во вести само кога се зад оружјето, а не пред него“.

Од кампањата на Твитер: дел од реакциите
Од кампањата на Твитер: дел од реакциите

Организациите како Советот за американско-исламски односи ја повикаа полицијата да го истражи случајот како злосторство од омраза. Командирот на полицијата во Чапел Хил, Крис Блу, издаде соопштение во коешто стои дека истрагата се обидува да го утврди мотивот на Хикс да изврши така „безумен и трагичен чин“. „Ја разбираме загриженоста поради можноста ова да е мотивирано од омраза и ќе ги истражиме сите индикации за да утврдиле дали е така“, наведува Блу.

Рипли Ренд, федерален обвинител во чијашто надлежност е Чапел Хил, вчера оцени дека на прв поглед се работи за изолиран инцидент, а не дел од кампања против муслиманската заедница.

Хикс, којшто студирал за да стане правен помошник, на својата страница на Фејсбук наводно објавувал пораки со антиверска содржина, а неодамна и фотографија на пиштол. Но, неговата сопруга на прес-конференција вчера кажа дека убиствата „немаат никаква врска со верата на жртвите“, како и дека нејзиниот сопруг бил енергичен поддржувач на правата на хомосексуалците и правото на абортус.

Деа Шади Баракат бил студент по медицина на Универзитетот на Северна Каролина во Чапел Хил, а Јусор Абу-Салха планирала да започне со истите студии оваа есен. Разан Абу-Салха била во посета на својата сестра, а студирала на Државниот универзитет на Северна Каролина во Рајли.

Либан Абдикарим, сомалиски Американец, којшто студирал заедно со Баракат, за сомалиската редакција на Гласот на Америка изјави дека овие тројца млади луѓе биле водачи во своите заедници во Чапел Хил и Рајли. Баракат бил ангажиран во добротворна организација којашто обезбедувала стоматолошки средства за сиромашните, а започнал и кампања за собирање средства за хуманитарно патување во Турција, каде што планирал да дава стоматолошки услуги на бегалците од граѓанската војна во Сирија.

XS
SM
MD
LG