Линкови за пристапност

САД внимателно ја следат украинската забрана на руски интернет страници


Американски официјални претставници велат дека тие одблизу ја следат одлуката на Украина за блокирање на пристапот до неколку руски интернет страници, како дел од последната рунда санкции заради руската анексија на Крим во 2014-та година.

Стејт департментот не зазеде официјален став. Сепак како што неофицијално дознава Гласот на Америка од неименуван американски претставник, одлуката на претседателот Петро Порошенко да го оневозможи пристапот до неколку популарни руски интернет страници како што е пребарувачот „Јандекс“ во период од три години го поткопува Уставот и правото на слобода на изразувањето.

Без разлика на медиумската кампања која води Русија преку лажните вести и информации со цел поткопување на западните медиуми и украинската влада „слободата на изразувањето е клучен елемент од секоја здрава демократијата, и тоа е дел Уставот на Украина.

„Ја повикуваме украинската влада да најде начини да ги заштити националните интереси, и да не ги поткопува уставните принципи“ рече неименуваниот претставник.

Запрашан за тоа дали имало било каква комуникација помеѓу САД и украинските власти пред Порошенко да ја објави забраната, неименуваниот претставник кажа дека не може да коментира приватни дипломатски разговори во однос на специфични прашања, но дека „имаме рутински разговори со украинската влада околу важноста на слободата на изразувањето.“

Забранетите интернет страници во вторникот беа целосно функционални во Украина, и се` уште не е јасно како и кога владата планира да ги блокира.

Украинската влада како причина ја наведе загриженоста за безбедноста, велејќи дека забраната била наметната кон компании „чии активности се закана за информациите и кибернетската безбедност на Украина“, се вели во соопштението објавено од страна на Советот за одбрана и безбедност.

На последната рунда на санкции наметнати од Киев на црната листа од над 400 руски фирми се додадени „Јандекс“ и социјалните медиуми „Однокласники“ и „Вконтакте.“

Според Ројтерс, Кремљ се заканил со мерки за одмазда.

XS
SM
MD
LG