Линкови за пристапност

САД одобрија продажба на дефанзивно оружје на Украина


САД одобрија продажба на смртоносно дефанзивно оружје од американски производители за Украина.

Портпаролката на Стејт департментот Хедер Науерт, потврди дека Конгресот бил известен за ова прашање на 13-ти декември.

Правната рамка, американските производителите да можат да продаваат оружје на Украина, постоеше уште во времето на администрацијата на Обама, рече Науерт.

Таа додаде дека владата не ја снабдува Украина со оружје, туку им дозволува на производителите на оружје од САД да го сторат тоа.

Лиценцата за извоз на оружје опфаќа полуавтоматско и автоматско огнено оружје, објави Ројтерс. Тука спаѓаат пушки, придушувачи, оптички инструменти, сензори и делови за нив.

Од американската администрација велат дека опремата одобрена за продажба е проценета на 41,5 милиони долари. Вашингтон пост објави дека немало одобрение за барањата на Украина за потешко оружје, како што се противтенковски ракети. Според весникот, Канада неделава одобрила слична ваква продажба за Украина.

Критичарите на овој потег велат дека продажба на смртоносно оружје за оваа земја, претставува закана за ескалација на тензиите меѓу САД и Русија.

Американскиот секретар за одбрана Џим Матис, при посетата на Украина во август, годинава, изјави дека администрацијата на Трамп „активно размислува“ дали да обезбеди смртоносно дефанзивно оружје за Киев. „Дефанзивното оружје не е провокација, освен ако не сте агресор, и јасно е дека Украина не е агресор“, одговори тој на прашањето дали Русија може да гледа на потегот како на закана.

Матис воедно рече и дека Вашингтон не ја прифаќа руската анексија на Крим.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG