Линкови за пристапност

Турција повторно им се заканува на САД со Инџирлик


Додека САД размислуваат за санкции спрема Турција заради неодамнешното купување на руски ракети, Анкара предупредува дека американската употреба на критична воздухопловна база може да биде доведена во прашање.

САД со децении ја користи базата Инџирлик, која се смета за инсталација од витално значење и за израз на стратешките односи меѓу двете НАТО членки.

„Во моментов работиме на процес на утврдување (одмазднички) мерки, што ги инволвираат Инџирлик, или друга база или други прашања“, го предупреди Вашингтон турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу неделава.

„Доколку Америка има многу негативни потези спрема нас“, додаде тој, „ако има санкции или натмошни чекори, ние ќе и` одговориме на Америка“.

Минатиот месец, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, изрече слична закана во врска со користењето на Инџирлик, при неговата средба со претседателот Трамп во јуни, на маргините на економскиот самит Г-20 во Осака, Јапонија.

Доставувањето на руски ракетен систем во Турција С-400 значи прекршување на Актот за спротивставување на непријателите на Америка или како што е познат со кратенката CAATSA, кој забранува поголеми купувања на руска воена опрема. Според тој акт, Анкара може да се соочи со значителни економски санкции. Купувањето веќе резултираше во исклучувањето на Турција од купување на најновиот модел на борбените авиони Ф-35.

Аналитичарите велат дека Анкара секогаш го употребува користењето на Инџирлик од страна на САД како залог во време на билатерални тензии, и тоа трае уште од времето на Студената војна, зашто базата е блиску до Сирија и од витално значење за американските стратешки интереси.

Се верува дека во Инџирлик има околу 50 парчиња нуклеарно оружје.

Инџирлик се користел и во војната против терористичката група Исламска држава во Ирак и во Сирија, а беше и важен пункт за логистика. Но аналитичарите велат дека важноста со тоа не се исцрпува.

„Инџирлик е рбетот на турската врска со Западот“, вели Галип Далеј од Универзитетот Оксфорд.

„Ако се прекине врската со Инџирлик, тоа ќе отвори дискусија за иднината на односите на САД со Турција, и за местото на Турција во НАТО“, додава тој. „Симболизмот на Инџирлик е многу поважен од военото користење, иако базата би била многу важна во случајот на војна против тероризмот во Сирија и Ирак“.

Анкара и во минатото се заканувала со Инџирлик, но во секој од случаите на дипломатска тензија базата останувала отворена. Анкара и овој пат бара дипломатско решение.

Трамп кажа дека е против санкции спрема Турција. Тој вели дека развил добар работен однос со претседателот Ердоган. Но Трамп се соочува со се` поголем притисок од Конгресот за поставување санкции.

Доколку Вашингтон постави санкции, Инџирлик ќе биде во ризик. „Се` е можно,“, вели Далеј.

Една од тие можности е Пентагон да развие стратегија да се оддалечи од зависноста од Инџирлик. Имено, САД неодамна потрошија 150 милиони долари за модернизирање на воздухопловната база Мувафак Салти во Јордан.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG