Линкови за пристапност

Трамп го нападна медиумското покривање на книгата „Оган и гнев“


Американскиот претседател Доналд Трамп, упати критика кон медиумите откако новата провокативна книга која ја претставува првата година од неговото претседателствување како хаотична, а него како лице кому му е потребна психијатриска помош, се појави во книжарниците во САД.

Иако не го спомна авторот Мајкл Волф по име, ниту насловот на неговата сензационална книга „Оган и гнев“, Трамп рече дека „медиумите за лажни вести и новата лажна книга, отвораат нови фронтови секаде каде што може да се замисли“.

Волф изјави дека тој „апсолутно“ стои зад книгата. „Една од работите на кои треба да сметаме е што Доналд Трамп ќе нападне, тој ќе испрати писма преку адвокати. Ова е 35-годишна историја за тоа како тој им пристапува на работите“, изјави Волф за Ен-Би-Си (NBC). „Мојот кредибилитет е ставен под прашање од човек кој има помалку кредибилитет од кој било на планетата“.

„Ќе ви кажам еден опис кој секој го дава - сите велат дека тој е како дете“, изјави Волф. „Она што тие го знаат е дека Трамп има потреба од големо внимание. Се` е само за него“.

Неколку независни извори забележаа дека авторот Волф е познат по објавувањето на провокативни материјали кои се покажале како неосновани или оспорени.

Новинарот Мајк Ален, во својот весник "Аксиос", предупреди дека „дефинитивно делови од книгата „Оган и гнев“ на Мајкл Волф се погрешни, неумесни или го изневеруваат принципот на не објавување на информации кои биле кажани неформално“.

Ален сепак рече дека постојат многу работи за кои Волф е во право, „дури и во очите на претставници од Белата куќа, кои сметаат дека некои делови од книгата се фикција. Портретот на Трамп како емоционално непредвидлив претседател и ниското мислење за него меѓу оние кои му служат“.

​Портпаролката на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс, го обвини Волф за измислување на цитати за книгата. „Ова е човек кој измислил многу приказни за да продаде многу книги, и мислам дека се` повеќе и повеќе луѓе почнуваат да согледуваат дека неговите факти едноставно не се совпаѓаат“, изјави Сандерс за телевизијата Фокс њуз.

Таа призна дека Трамп зборувал со Волф, но не за книгата. „Тие еднаш зборуваа по телефон, но не беше на таа тема. Тие имаа многу краток разговор, но тој никогаш не го интервјуираше претседателот за книгата“, рече портпаролката.

Претходно, Сандерс посочи дека книгата има мал интерес надвор од Вашингтон, каде што луѓето не се опседнати со политика. „Повеќето луѓе во САД веројатно не се грижат за книга полна со лаги“ , изјави таа окарактеризирајќи ја книгата како „ѓубре“ „и нешто“ кое отпуштен работник сака да го продаде.

Дан Махафи од Центарот за проучување на претседателствувањето и Конгресот со седиште во Вашингтон, во интервју за Гласот на Америка кажа дека контроверзната книга „го одразува доаѓањето на размислувањето од реалната телевизија во американската политика“.

Махафи вели дека постојаното покривање на настаните поврзани со книгата на кабловската телевизија го пренасочува вниманието од речиси сите други настани во Вашингтон, вклучувајќи и некои поволни за Трамп, но и некои кои претседателот би сакал да ги сокрие, како што е чекорот за проширувањето на нафтеното дупчење во крајбрежните области.

„Во нормална средина, ќе зборуваме за тоа како сите води во САД се отворени за експлоатација на нафта, нешто што ќе биде прво на насловните страници, кое е засенето од овој циркус“, додаде Махафи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG