Линкови за пристапност

Синот на Трамп потврди дека се сретнал со руска адвокатка пред изборите


Состанокот имал цел обезбедување информации за демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон

Најстариот син на американскиот претседател Доналд Трамп во неделата кажа дека кусо откако неговиот татко ја добил републиканската номинација, тој се сретнал со руска адвокатка, поврзана со Кремљ, надевајќи се дека ќе добие корисни информации за кампањата.

Доналд Трамп Џуниор во соопштението потврди дека се сретнал со руска адвокатка, и дека на состанокот се согласил во јуни 2016-та година, откако наводно му било кажано дека таа има информации што би можеле да и` наштетат на демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон

На состанокот биле присутни и зетот и идниот советник на Трамп Џаред Кушнер и Пол Манафорт, тогашниот директор на кампањата на Трамп.

Синот на Трамп кажа дека татко му не знаел за средбата.

Кога тој беше прашан од магазинот „Тајмс“ за неговите разговори со Наталија Веселницкаја, тој не спомна ништо за политичките информации што би можеле да и` наштетат на Хилари Клинтон.

Но, во неделата тој ја ревидираше неговата изјава, и потврди дека имало очекување дека руската адвокатка за време на состанокот ќе обезбеди некакви штетни информации.

Синот на Трамп за магазинот изјави дека брзо станало јасно дека Веселницкаја „немала значајни информации“

Според американските медиуми, Веселницкаја е позната по нејзините напори за укинување на санкциите против прекршителите на човековите права во Русија.

Специјалниот истражител Роберт Мулер и неколку конгресни комисии, во моментов спроведуваат одделни истраги за тоа дали имало каков било договор меѓу кампањата на Трамп и Кремљ, поради наводното руско хакирање, кое имало цел да влијае на резултатот на изборите во САД.

Трамп во неколку наврати ги негираше врските со Русија, додека Москва вели дека таа не стои зад хакирањето.

Трамп вчера кажа дека тој двапати „извршил силен притисок“ врз рускиот претседател Владимир Путин, во врска со мешањето на Русија во минатогодишните избори во САД, и дека сега било време „за конструктивно придвижување напред“ со Москва.

Во низата Твитер коментари, по враќањето од самитот на Г-20 во Хамбург, Германија, Трамп истакна дека Путин жестоко негира секаква улога во мешањето на изборите

Претседателот, исто така, рече дека тој и неговиот руски колега разговарале за формирање заедничка единица за кибернетска безбедност, така што изборите „ќе бидат заштитени и безбедни“ од хакирање.

Клучни републикански законодавци ја исмеаја идејата на Трамп да работи со Русите, вклучувајќи го и сенаторот Линдзи Греам, кој рече дека ова е речиси „најглупавата идеја што некогаш сум ја слушнал“.

Трамп подоцна се повлече од идејата за кибернетска единица, објавувајќи твитови во кои вели дека тој мисли дека тоа нема да се случи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG