На помалку од 24 часа пред прославата во Белата куќа, претседателот на САД Доналд Трамп, ја повлече поканата за „Филаделфија Иглс“, кои ја освоија шампионската титула во американски фудбал - Супербол.
„’Филаделфија Иглс’ на утрешната прослава нема да можe да дојде со целосен тим во Белата куќа“, рече Трамп, додавајќи дека тие не се согласуваат со нивниот претседател, бидејќи тој инсистирал гордо да застанат за време на интонирањето на националната химна, во чест на мажите и жените кои служат во армијата.
За време на ланската сезона, сите играчи на „Филаделфија Иглс“ го почитуваа интонирањето на химната.
Трамп рече дека тимот сакал да испрати помала делегација, но, оти 1.000 фанови, кои планираат да присуствуваат на настанот, заслужуваат подобро.
Американскиот претседател додаде дека навивачите се` уште се добредојдени и оти тој ќе биде домаќин „на друг вид прослава“, во која ќе биде искажано почитување на државата, и ќе им биде оддадена почит на хероите, кои се борат да ја заштитат националната химна.
Претседателот е во конфликт со играчите од Националната фудбалска лига, кои за време на интонирањето на американската химна клекнуваа, во знак на протест поради полициската бруталност и расната нееднаквост во државата.
Трамп во неколку наврати го осуди актот на играчите како непатриотски и побара крај на таквиот вид протест.
Градоначалникот на Филаделфија Џим Кени, го критикуваше потегот на претседателот, и рече дека „Филаделфија Иглс“ ја претставува разновидноста на нашата нација, во која сите сме слободни да го изразиме нашето мислење.
„Со повлекувањето на поканата од Белата куќа, нашиот претседател покажува дека не е вистински патриот, туку дека е егоист опседнат со тоа колкава ќе биде големината на групата која ќе присуствува. Тој се плаши и срами да организира забава на која никој нема да сака да присуствува“, додаде тој.
Тори Смит, кој во минатата сезона играше за тимот, на Твитер ја коментираше одлуката на Трамп.
„Толку многу лаги“, напиша тој, додавајќи: „Многу луѓе нема да присуствуваат“.
Ова не е првпат Трамп да биде во заострена реторика со професионалните спортисти.
Минатата година, шампионите на Националната кошаркарска асоцијација, „Голден стејт вориорс“ не ја посетија Белата куќа, откако претседателот влезе во конфликт со кошаркарот Стивен Кари, кој рече дека нема да присуствува.
Facebook Forum