Линкови за пристапност

Изгласана резолуцијата која ги осудува „расистичките коментари“ на претседателот


Резолуцијата е изгласана во Претставничкиот дом со 240 наспрема 187 гласови

Четири Републиканци им се придружија на Демократите во Претставничкиот дом на САД за да се изгласа резолуцијата со која се осудуваат „расистичките“ коментари на претседателот Доналд Трамп за четири демократски конгресменки од малцинствата.

Трамп, кој беше на удар поради коментарите на Твитер во неделата, не се повлече.

Резолуцијата изгласана со 240 наспрема 187 гласови, „остро ги осудува расистичките коментари на Трамп, кои го легитимизираат и го зголемуваат стравот и омразата кон новите Американци и обоените луѓе“.

Спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, повика на обединување во „осудувањето на расистичките пораки на Твитер на претседателот“.

„Овие коментари од Белата куќа се срамни и расистички. Колку е срамно да го слушнеме како продолжува да ги брани овие навредливи зборови, зборови што сите слушнавме како ги повторува не само за наши членови, туку и за безброј други. Ќе продолжиме со одговорот на нападите кои се одраз на основно непочитување на прекрасната разновидност на Америка“, рече Пелоси.

Мнозинството Републиканци ја отфрлија резолуцијата со која се осудува претседателот од нивната партија.

„Треба да се разгледа суштината на резолуцијата. А кога ќе го сториме тоа, тогаш, како што реков и претходно, и ќе се држам до тоа, треба да се гласа против“, рече републиканскиот конгресмен од Џорџија, Даг Колинс.

Трамп, кој беше на удар поради коментарите на Твитер во неделата, не се повлече. Тој во порака на Твитер ги пофали Републиканците кои гласаа против резолуцијата и продолжи со својата критика кон конгресменките Илхан Омар, Александриа Окасио - Ортез, Ајана Пресли и Рахида Тлаиб.

Претседателот за законодавките, рече: „Ако не се среќни овде, може да заминат“, и додаде дека „овие луѓе ја мразат нашата држава“.

Запрашан каде треба да одат тој рече: „Зависи од нив. Каде сакаат или можат да останат. Но, треба да ја сакаат нашата држава. Не треба да ја мразат.“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG