Линкови за пристапност

Трамп: Заклучокот на ЦИА за вмешаност на Русија во изборите е „смешен“


„Тие немаат идеја дали е Русија, Кина или некој друг. Може да биде било кој хакер“, рече избраниот претседател

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп вели дека заклучокот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) дека Русија се вмешала во претседателските избори минатиот месец, со цел да ги зголеми шансите за негова победа, се „смешни“ и ги нарече уште еден изговор на демократите за неговото вознемирување на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон.

„Не верувам во ова. Има голема конфузија ако разгледате што рече ЦИА. Всушност, никој не знае. Тие немаат идеја дали е Русија, Кина или некој друг. Може да биде некој што седи в кревет на некое место“, рече Трамп.

Трамп, во интервју за Фокс, изјави дека не се противи на наредбата на претседателот Барак Обама да направи ревизија на кибернетските напади, кои ЦИА заклучи дека доаѓале од Русија во текот на кампањата, но потенцира дека „не треба да се вели само Русија, туку и можни други држави, дури и поединци“.

Во интервјуто, Трамп го пофали неговиот можен избор за државен секретар, извршниот директор на Ексон Мобил Рекс Тилерсон, поради контактите кои тој ги има низ целиот свет и нафтените договори со Русија.

Помошниците на Трамп велат дека избраниот претседател го зел предвид Тилерсон по еден месец барање, иако пред тоа немало никаква најава.

Трамп, кој се` уште не го потврдил назначувањето, рече дека Тилерсон има голема предност, бидејќи познава лидери низ целиот свет и, како што вели Трамп „ги познава добро“.

Сенаторот Џон Мекејн вели дека изборот на Тилерсон го загрижува, поради неговите врски со рускиот претседател.

Тилерсон работи во повеќе од 50 држави, меѓу кои и во Русија. Во 2011-та година неговата компанија склучила договор со најголемата руска државна нафтена компанија.

XS
SM
MD
LG